Мрсески: „Јас сум Бугарин од Македонија, а како прилепчанец, Здружението на Бугарите „Југ“ го регистрирав во Прилеп“

     „Јас сум прилепчанец, кој себе си се чувствува како Бугарин од Македонија. И бидејќи во Прилеп има многу Бугари, а кои поради свои лични причини и мислења, не го искажуваат својот став за етничката припадност, одлучив Здружението на Бугарите „Југ“ да го регистрирам во Прилеп. Целта на ова Здружение не е да прерасне во Клуб, туку институционално да се бориме против дискриминацијата на малцинствата во Македонија“, ни изјави за Алфа, претседателот на Здружението на Бугарите „Југ“, Зоран Мрсески, кој одамна не живеел во Прилеп.

   „Видете, јас сум македонски Бугарин. По потекло сум Бугарин, сум пораснал во Македонија и планирам да живеам во Македонија. Не може тоа мене никој да ми го оспори како јас ќе се чувствувам, нели, тоа си е мое лично демократско право, како и на секој еден граѓанин. Ние во нашето Здружение имам членови од сите етнички заедници“, вели Зоран Мрсески.  

   По однос на поплаката која што тој и неколку негови истомисленици од Македонија пред неколку дена ја упатија во Софија пред пратениците од парламентарната Комисија за Бугарите во странство дека Бугарите во Македонија биле систематски дискриминирани, дури тој однос споредувајќи го со војна, Мрсески вели дека тоа се однесувало на насилствата кои се случиле во Битола и Охрид.

  „Сите знаеме што се случи во Битола, сите знаеме што се случи во Охрид и вие како новинари не го осудивте тој чин. Видете насилството мора да се осуди од било која етничка заедница да се прави насилство..во тој случај, значи едноставно се води војна против Бугарите“, – објаснува Мрсески.  

  Запрашан за тоа како Македониците се чувствуваат во Бугарија, ако се знае со какви проблеми тие се соочуваат таму и колку се обесправени, Мрсески се прогласи за ненадлежен да го коментира тоа, препорачувајќи Македонците во Бугарија тоа да си го решавале со бугарската држава, како што тој, како Бугарин тоа го правел со македонската држава.

  Инаку, откако вчера Алфа откри дека во Прилеп веќе седум месеци постои Здружение на Бугарите, прилепчани бурно реагираа на социјалните мрежи. Според нивните коментари, зачестеното отворање на бугарски здруженија и клубови во Македонија, била тивка окупација на македонските градови.

  Здружението на Бугарите „Југ“ во Централниот регистар е регистрирано во мај годинава, со седиште на улицата „Максим Горки“ бр. 126, каде живеат родителите на Мрсески.

 Каролина Дурло   

Advertisements