МПЦ очекува позитивни сигнали од Вселенската патријаршија

Првичните мислења околу автоќефалноста на нашата Црква се дека најповикана да дава автоќефалија и томоси, откако одамна завршиле Вселенските собори , е Вселенската патријаршија и тоа за нас не е спорно, особено по осамостојувањето на Украинската православна црква. Ова на денешната прослава на патронот и заштитиник на Битола- Преподобниот Свети Нектариј Битолски, го рече Митрополитот Петар, искажувајќи оптимизам за позитивен абер од Истанбул .

  • Ние очекуваме дека Вселенската патријаршија како првопрестолна црква на сите помесни парвославни цркви, веќе со вистински очи ќе погледне на нашата состојба во нашето педесетгодишно опстојување како автоќефална црква со возобновувањето во 1967 година, и сметаме дека тоа патот и начинот ние да се приопштиме кон православната екумена- рече владиката Петар.

Битолскиот владика вели дека МПЦ го кажа својот став околу Преспанскиот договор и промената на името и тој став нема да се промени, но вистинскиот суд ќе го даде народот.

  • Ние остануваме на тоа, секој човек како личност да се изјасне, но и нашиот македонски народ е оној што го дава последниот збор и неговиот суд е вистинскиот суд. А знаеме како кој беше и каков беше судот на мнозинството од македонскиот народ- рече битолскиот Владика.

Денешното празнување на патронот на Битола Преподобниот Свети Нектариј Битолски беше одбележано со свечена литургија во соборниот храм Свети Великомаченик Димитриј и традиционална литија со неговите мошти по битолските улици.

Петар Стефановски