МПЦ-ОА го доби благословот од СПЦ за автокефалност

Соборот на нашата црква благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност“ рече поглаварот на СПЦ, Порфириј.

Христијанските верници со голема радост ја дочекаа веста за признавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА од Саборот на СПЦ и испраќањето предлог за издавање Томос до Вселенската Патријаршија. Сега Синодот на македонската црква и Архиепископот охридски и македонски Стефан имаат задача да ги завршат техничко-организациските детали, по што ќе следи и свеченото прогласување на официјалниот акт, рече г.Порфириј.

„Сега браќа и сестри кога дојдовме овде ви носиме уште една радост. Светиот архирејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА и Соборот на нашата црква благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност“ рече патријархот Порфириј.

55 години седевме и чекавме во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи некој за нас, а потоа ни пристапи нашиот собрат, патријарх Порфириј и еве сега сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигна за жетва, рече во обраќањето Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан.

„Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство“, рече Г.Г. Стефан.

Стотици верници го исполнија соборниот храм Св. Климент Охридски, но не само од Скопје, со организиран превоз на литургијата присуствуваа верници од цела Македонија.

Високи црковни извори за Алфа уште минатата недела отркија дека МПЦ-ОА и СПЦ се договориле за автокефалност, а денешниот чин го потврди тоа.

Сега на потег е вселенскиот патријарх Вартоломеј кој ќе треба да премине кон следниот чекор односно конечно издавање Томос за македонската црква.

Инаку на почетокот на следниот месец, македонска црковна делегација со архиепископот г. г. Стефан заминуваат во посета на Цаариград, каде ќе богослужат заедно со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на Духовден на 12 ти јуни. Тогаш се очекува и потпишувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Викторија Миткова