Моќната тајна полиција оди во рацете на премиерот

Тајната полиција оди под надлежност на премиерот, со можност за директен пристап до прислушувањето и намалени ингеренции на собраниската комисија за контрола на посебните истражни мерки. Она што беше УБК во МВР, сега ќе биде Агенција за национална безбедност во Владата. Моќта на Агенција, власта ја подготвува во измените на законот за следење комуникации, кој се уште е во драфт верзија. Според нашиот извор, Агенцијата директно ќе може да прислушува заобиколувајќи ја ОТА, доколку станува збор за закани по националната безбедност. Агенцијата освен што ќе има директен пристап до телефонските оператори, ќе може од обвинителството да користи тактичка опрема, позната во јавноста како комбиња за слушање и следење. Законот предвидува и да се намалат надлежностите на собраниската комисија за следење комуникации односно регулира кои делови од работата на АНБ, Комисијата нема да може да ги контролира. Алфа денеска праша во владата зошто се донесе законот за ОТА, кога Агенцијата за национална безбедност, пак ќе врши прислушување?
-Се работи комплетно за различни постапки за различни активности кои се покриваат во рамките на безбедносниот систем. ОТА има допирна точка со оваа Агенција исклучиво во тоа што претставуваат дел од разузнавачко безбедносниот систем на Република Северна Македонија – изјави Миле Бошњаковски портпарол на Владата.
Агенцијата за национална безбедност нема да има полициски овластувања, но ќе може оперативно да собира информации и да ги спроведува до други служби. Експертската јавност досега во многу наврати предупредува дека недостасуваат прецизности во законските решенија за спроведување на пи мерките што може да доведат до можни злоупотреби во прислушувањето како и дуплирање на надлежностите во безбедносно разузнавачките служби.

Кaтерина Гетева