„Мој ДДВ“ за 5 дена симната 58.000 пати, повратот на ДДВ околу 120 илјади евра

Од УЈП се уште не знаат кога мобилната апликација за скенирање фискални сметки за поврат на ДДВ ќе биде достапна и за корисниците на Ајфон. Тврдат дека барањето го доставиле навреме, кон крајот на мај, но од Apple Store биле подложени на дополнителни проверки бидејќи се работи за владина институција. И покрај тоа што апликацијата на стартот гласеше на име на физичко лице и на неа се прикачуваат броеви на трансакциски сметки, од УЈП тврдат дека податоците се сигурни, бидејќи се складираат на одделен систем.

Во првите 5 дена граѓаните најмногу се жалеле дека не можеле да ги скенираат сметките поради лошиот принт. Од УЈП велат дека големите маркети веќе почнале со редовно сервисирање на апаратите и додаваат дека овие сметки можат да се скенираат во киосците и баркод читачите во УЈП, а во краен случај и со рачен внес на податоци.

Експертите веќе се изјаснија дека мерката стартуваше без подетална анализа дали ефектите од неа, ќе ги надминат трошоците за нејзино спроведување. Тврдат дека само најбогатите 5% од населението ќе имаат корист од неа. Уверуваат дека една мерка не е доволна. Таа мора да биде проследена со други мерки и ригорозни контроли на терен за да се сузбие сивата економија.

За 5 дена, граѓаните симнале скоро 58 илјади мобилни апликации и скенирале 433 илјади фискални сметки. Притоа бил направен промет од 4 милиони евра, на кои ќе се враќа поврат на ДДВ од 120 илјади евра. Од УЈП велат дека интересот е голем, а секој ден бројот на корисници се зголемувал за 10 илјади. За оние што ќе прават малверзации со скенирање на издадени фискални сметки на други луѓе или компании, следува глоба од 250 евра.

Тања Попова