„МојДДВ“ достапна и за корисниците на Ајфон, досега вкупниот поврат е 265 илјади евра

Со задоцнување од 12 дена, апликацијата за поврат на 15% од ДДВ на граѓаните, стана достапна и за корисниците на Ајфон. Од Управата за јавни приходи велат дека апликацијата може да се симне од AppStore или од поставениот линк на интернет страницата на Управата. Од УЈП претходно информираа дека барањето за одобрување на апликацијата до Apple Store било доставено навреме, во мај, но се чекало подолго поради строгите правила.

Оние што досега скенирале фискални сметки се жалат дека поради лошиот принт или послабите камери на мобилните телефони, тие најчесто не можат да се скенираат. Голем дел од граѓаните, проблематичните фискални сметки ги скенираат во киосците и на баркод читачите во УЈП, но велат оваа процедура не можат да ја прават премногу често поради малиот број и оддалеченоста на поставените апарати од нивното место на живеење.

Од УЈП информираат дека апликацијата моментално ја користат над 120 илјади луѓе. Скенирани се скоро 2 милиони фискални сметки. Притоа граѓаните направиле промет од близу 17 милиони евра, од кои повратот на ДДВ изнесува 265 илјади евра. Овие пари на граѓаните ќе им бидат вратени на трансакциските сметки во декември.

Експертите веќе се изјаснија дека мерката стартуваше без подетална анализа дали ефектите од неа, ќе ги надминат трошоците за нејзино спроведување. Тврдат дека само најбогатите 5% од населението ќе имаат корист од неа.Уверуваат дека една мерка не е доволна.Таа мора да биде проследена со други мерки и ригорозни контроли на терен за да се сузбие сивата економија.

Тања Попова