Мостот Беласица останува затворен – нема конкретен одговор колку ќе биде потребно за санација

И по речиси 10 дена надлежните поим немаат дали опожарениот мост “Беласица” воопшто ќе може да се врати во првобитната состојба, ниту колку време би било потребно за такво нешто. Според Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички отпорни градби, експертизата ќе биде пресудна за тоа дали  ќе треба посериозна санација на мостот. Oваа проверка не би требало да трае подолго од 20 дена.

Секако, треба да се направи некоја санација. По експертизата ќе заклучиме дали треба посериозна санација, иако на прв поглед не личи така. Секако ќе треба да се направи дополнително зајакнување, што ќе овозможи брзо пуштање на мостот. Прво со една лента или некое пробно товарење, а потоа ќе може да кажеме дека можеби нема да треба некоја санација на главниот систем, вели Михаил Гаревски.

Градоначалничката Арсовска единствено што тврди е дека оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот. Меѓудругото не заборави и да ги искара институциите да не ширеле страв и паника кај граѓаните.

Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот. Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому. Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација, рече Данела Арсовска.

Извори во Град Скопје за Алфа брифираат дека сметката на градот се уште е блокирана. Арсовска демантира.

“Градот ниту е блокиран, ниту може да биде, ниту е пред банкрот и многу ми е жал што политичките агенди се обидуваат, коалицијата СДСМ-ДПМНЕ да си ги тераат преку Градот Скопје“, одговори Арсовска.

Советници во Советот на Град Скопје на 15 мај доставија барање за вонредна седница поради блокираната сметка и лошата финансиска состојба на Градот. Барањето е доставено до претседателот на Советот Трајко Славески, кој треба да закаже седница.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста