Морина со тапани пречекан во Косово- Србија одлуката ја оцени како политичка

Наместо во Белград, поранешниот припадник на ослободителната војска на Косово, Томор Морина , се врати во родното место Ѓаковица . Тој беше пречекан со зурли и тапани, во видеото кое осамна на социјалните мрежи се слуша како неговите блиски извикуваат дека бил нивниот херој. Морина пред да замине од Македонија бил почестен со ручек од страна на членови на раководството на ДУИ, за што сведочи и фотографија споделена од страна на пратеникот Артан Груби. Меѓу присутните може да се забележат и вицепремиерот Садула Дураки, министерот за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и екс-градончалникот на Чаир, Изет Меџити.
На 7 ми август Кривичен суд донесе одлука Томор Морина да не се екстрадира во Србија, како образложение беше надведно дека не се исполнуваат условите за екстрадиција. Основниот кривичен суд вчера донесе одлука и ја укина мерката притвор на Морина и му определи мерка за претпазливост- привремено одземање на патната исправа и друг документ за преминување на државната граница. Ваквата одлука беше поздравена од Шефот на косовската дипломатија, Беџет Пацоли тој се заблагодари на македонските власти за како што вели, „принципиелната одлука и соработката“. Српските власти, пак, сметаат дека екстрадицијата на Морина е политичка одлука.

„Ако некој се наоѓа на потерница на Интерпол, нема потреба да се размислува дали тој ќе биде испорачан или не. Овде е очигледно дека се во прашање политички причини“ – Ивица Дачиќ , Министер за надворешни работи во Р.Србија

“Не може да постои оправдување за тоа некој, кој е осомничен за воени злосторства против човештвото, да биде пуштен на слобода, наместо да одговара за смртта на многу недолжни луѓе” – Небојша Стефановиќ, Министер за внатрешни работи на Р.Србија

Морина беше уапсен на 24 јули на граничниот премин Блаце врз основа на меѓународна потерница на Интерпол издадена од Србија поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово.

Јована Грчева