Морбилите ја земаа и четвртата жртва – десетмесечно бебе почина на скопските клиники

Десетмесечно бебе не успеа да се избори за живот. Тоа се заразило со мали сипаници, според лекарите немало други заболувања, а по две недели минати на интензивно лекување на детската клиника, добило и мозочно крварење, што било фатално.

Шеснаесетгодишно девојче заразено со мали сипаници се уште се бори за да преживее на Инфективната клиника околу две недели е на апарати за дишење. Во оваа клиника во тешка состојба се шестмина.

Дополнително загрижува и малиот одзив при теренската вакцинација низ училиштата, поради што од Здравствениот дом најавија дека ќе се направат дополнителни напори за да се имунизираат што повеќе деца.

Малите сипаници непрекинато се шират. Само минатата недела има регистрирано 110 новозаболени. На 1000 деца до 1 година, во земјава досега е заразено секое 9 -то.

Невакцинирани деца чии број изнесува околу 20.000 нема да се запишуваат во училиште, ова важи и за градинките. Според здравствените власти, е единствен начин за да се избориме со епидемијата на морбили која досега зема 4 детски животи.

Сања Трајковска Ставров