Момче избодено со нож за да му украдат златно ланче и мобилен телефон

19 годишно момче завршило на Клинички со четири убоди во грб откако било нападнато и ограбено во Шуто Оризари. Таткото Суљо Кабри објаснува дека е загрижен за безбедноста не само на својот син туку и на сите останати од населбаата бидејќи како што вели ваквите инциденти речиси станале секојдневие.

-Можеби се работи за иста група. Значи во последниот месец можеби имаше околу 20-тина напади, исклучиво над ромско население. Полицијата кога ги видела видео снимките веќе познати им се. Дали се уапсени или некоја потрага по нив нема, вели пред камерата на Алфа, Суљо Кабри.

Суљо Кабри вели и дека разговарал со градоначалникот Курто Дудуш кој наводно му кажал дека знае кои се напаѓачите.

-Кажа дека познати се сторителите. Сега не знам, ни тој немаше имаше информации, дали се фатени, дали ќе ги фатат или така нешто. Дека постојат докази, на видео лентите се гледа се како е прободено, од кого е прободено, вели Кабри.

Првиот човек на Шуто Оризари, пак, за Алфа вели дека не знае ништо за случајот и дека на оваа тема не зборувал со никој.

Од МВР пак без подетални информации, од таму само соопштуваат дека имало инцидент, а кои се сторителите останува непознато.

-СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот, соопштуваат од МВР.

Нападнатиот Меќабил Кабри е во стабилна состојба на Торакална хирургија. Разбојниците му украле мобилен телефон, златен ланец и јакна.

Матеја Петровски