Молк од агенцијата за филм – Дали ќе дозволи емитување на „Црвениот поет“

Се уште нема одговор од агенцијата за филм, откако ТВ Алфа ги побара правата за емитување на серијата „Црвениот Поет“ посветена на македонскиот револуцинер, Кочо Рацин.

– „Сакаме да потенцираме дека продуцентот, 6 месеци по одобрувањето на монтираната верзија на серијата, е должен епизодите да ги емитува на јавниот радиодифузен сервис или на некоја од телевизиите кои имаат национална концесија. Доколку тоа не се случи според договорот за пренос на права, агенцијата за филм ги презема правата сразмерно на висината на вложените средства.“ – Пишува во известување до Агенција за филм од Алфа ТВ, испратено на 10.01.23

Иако поминаа дури 7 дена откако Алфа го достави ова барање, во телефонски разговор со службите од агенцијата за филм, оттаму велат дека процедурите за разгледување на документот се уште не се започнати и оти требало време.

До агенцијата доставивме и барање за пристап до информации од јавен карактер, за тоа, уште колку средства од буџетот му се доделени на продуцентот Владимир Анастасов и продукциската куќа „Сектор филм“ од 2017 досега, и покрај тоа што серијата посветена на Кочо Рацин, снимена со народни пари, веќе 6та година никако да се емитува.

Покрај барањето за емитување на серијата „Црвениот поет“, од агенцијата за филм се уште нема одговор ниту на барањето за пристап до информации од јавен карактер кое го достави Алфа ТВ. Под изговор дека директорот не бил на работа, не бевме во можност лично да поразговараме и да прашаме на што се должи одвлекувањето на одговорите.

Дека агенцијата за филм, според договорот, има право да ја преземе сопственоста од продуцентот, потврди и поранешната директорка на агенцијата, Мими Ѓоргоска, која лично го има потпишано државното финансирање на серијата. Проект платен 23 милиони денари народни пари.

Серијата во 2018та била понудена на МРТ, но, извори од јавниот сервис за Алфа открија дека понудата на продуцентот била сомнителна – Продукциската куќа „Сектор филм“ се однесувале како да сакаат да бидат одбиени. Побарале огромна сума пари за емитување, аплицирале на крајот на годината кога буџетот веќе бил при крај, а откако првично серијата не била прифатена, никогаш повторно не побарале соработка.
Со тоа што тие ја понудиле серијата на МРТ, наводно го испочитувале договорот со Агенцијата за филм. Ги оправдале милионите денари од државниот буџет, иако серијата снимена пред шест години се уште не го има видено светлото на денот.

Никола Цветкоски

Advertisements