Молк во Македонија по обвинувањата од Србија – дали има разузнавачки центар во Скопје?

Молк во Владата по вчерашните тврдења на српскиот парламентарец Милован Дрецун кој на српска телевизија обвини дека во авто-салон во Скопје е сместен шпионски центар што делува на штета на Србија. Алфа ја праша владината прес служба како ги коментираат наводите на спрскиот парламентарец, но до почетокот на вестите одговор не добивме.

За ова, став побаравме и во српската амбасада во Скопје. Оттаму ни рекоа дека амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ е на годишен одмор, а нејзиниот заменик дури утре ќе бил достапен за јавноста.

Вчера во интервју на српска телевизија, претседателот на српскиот парламентарен одбор за Косово, Милован Дрецун, обвини дека од пред два месеци, во преставништво за автомобили во Скопје е сместен моќен анти-српски разузнавачки центар, каде со помош на разузнавачи од Бугарија, Албанија, Македонија и Германија, во тек била тајна операција на странските служби против Србија. Тој тврди дека целта на тој разузнавачки тим била да извршат блокирање на компромисно решение меѓу Белград и Приштина.

Заев во телефонските разговори со сега веќе лажниот Порошенко, отворено зборува за стравот од можната размена на територии помеѓу Косово и Србија.

Ова не е прв пат српските власти да се сомневаат во македонските власти. Пред две години, во август 2017-тата, Србија го повлече целиот персонал од амбасадата во Скопје на консултации во Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш тврдеше дека српските надлежни органи имале сознанија и докази за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. По неколку недели дипломатите се вратија, а никогаш до крај не беше расчистена причината за нивното повлекување.

Биљана Божиновска