НАЈНОВИ ВЕСТИ

Молк во ДУИ откако Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД, амбасадорката Агелер најави и други имиња на листата

Струшкиот градоначалник нема долго да биде сам на американската црна листа. Амбасадорката Агелер најави дека и други имиња ќе му прават друштво на Рамиз Мерко кои се во процес на разгледување, ама не откри за кои лица се работи.  Македонските граѓани вели американската амбасадорка, имаат право на фунцкионери во кои ќе можат да веруваат, но Амбасадата во понатамошните процеси нема да се меша.

  • „Кога постои цврст доказ за корупција значи да се преземе мерка од страна на државниот скертар на САД за санкционирање на такво лице, со тоа што на ова лице и на неговото семејство им е оневозможен влез во САД. Овој процес трае подолго, процес кој внимателно се спроведува, се врши ревизија на сите докази, на се што е утврдено, има и листа со имиња која е во процес на ревизија и разгледување, така да откако ќе се утврдат сите факти тогаш се донесува одлуката“ изјави Агелер.

Шлаканица за власта на СДСМ и ДУИ е тоа што Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД. ВМРО-ДПМНЕ, вели Стејт Департментот само го потврди дека ДУИ е криминализирана структура.

  • Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ. Според соопштението на Стејт Департментот, Рамиз Мерко е вмешан во значителна корупција. Дополнително се нотира дека Мерко како градоначалник злоупотребувал фондови, а се мешал и во судски постапки. ВМРО-ДПМНЕ подолг период наназад алармира за злоупотреба на буџетски средства, а за тоа дававме и конкретни аргументи“ вели Аџиоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

ДУИ мора да замине во политичка пензија и да се исчисти од криминалните и корумпирани кадри, порачува опозицијата.

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, повторно топката ја префрли во правосудните органи, чекала реакција од нив.

  • Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“ напиша Грковска на социјалните мрежи.

Додека едната страна во владејачкото мнозинство молчи, друга го повикува Мерко да си поднесе оставка.

„Треба да го стори тоа, да си поднесе оставка. Мора да се расчисти со ова. Од друга страна правосудните органи не реагираат и причина за тоа е што власта има инсталирано свои луѓе во правосудните органи. ДУИ 20 години владее со тие институции со свои луѓе. Ние како политичка партија секогаш сме гласни кога станува збор за корупцијата. Сме ги критикувале функционерите на ДУИ, најмногу Рамиз Мерко. Ја поздравуваме одлуката на САД и искрено очекуваме да има други личности на листата. Очекуваме Мерко да поднесе оставка, ако ништо друго од морални причини“, потенцираше Таравари од студиото на ТВ21.

Рамиз Мерко е првиот функционер чие име се најде на црната листа на САД откако тим за санкции лани во декември ги „чешлаше“ македонските поранешни и актуелни функционери, поради вмешаност во значителна корупција и се мешање во судски и други јавни процеси. Градоначалникот на Струга е прогласен за персона нон грата за влез во Америка, а освен за Мерко, се однесува и на неговата сопруга и трите деца.

Викторија Миткова