Можно е да стартуваат протести: ВМРО-ДПМНЕ денеска одлучува за нови активности покрај блокадата на Собранието

Излегување на улиците и протести е еден од следните можни чекори на ВМРО-ДПМНЕ, со цел одење на предвремени парламентарни избори. Ова го најави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека токму на оваа тема ќе се разговара денеска на Извршниот Комитет на партијата, каде ќе се донесе одлука за следните чекори, покрај блокадата на Собранието.

-Ќе излеземе многу скоро со динамиката на активностите, но се е на маса, само не е напуштање на Парламентот, тоа задоволство нема да го има оваа власт да го напуштиме Парламентот за да можат од законот за марихуана па наваму се да си донесат. (ДАЛИ МОЖЕБИ ЌЕ ПРЕДЛОЖИТЕ ПРОТЕСТИ ДА БИДАТ ЕДЕН  ОД СЛЕДНИЕ ЧЕКОРИ?) Да, да, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцира и дека власта се додворува на меѓународниот фактор, но избегнуваат да ја говорат вистината.

-Нели според СДСМ и ДУИ нема блокада, совладале блокадата?  Ама затоа секаде каде што одат по амбасадиве, коленичат и цимолат дека ВМРО-ДПМНЕ им го блокирало парламемнтот. Не ја говорат вистината. Велат дека тоа било некаков бојкот, мислат дека ние ќе го напуштиме парламентот.  Тоа е нешто што најмногу го сакаат, Заев Зоран преку Ковачевски и талат Џафери, за можат да си поминат се што е против интересите на граѓаните, изјави Мицкоски.

Околу блокадата на ВМРО-ДПМНЕ повторно со ист став премиерот Димитар Ковачевски, сега само дополни дека таа не била на целата опозиција туку само на една партија.

-Јас уште еднаш повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста која што ја имаат, не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед на тоа што Собранието треба да работи за да се носат закони кои што значат унапредување и на стандардот и задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и овозможување на подобри услови за компаниите во ова кризно време, изјави Ковачевски.

Најавата за протести може да се каже дека е очекуван развој на настаните, со оглед на тоа што од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ги искористат сите можни механизми за предвремени парламентарни избори, за излез од кризата во која во моментов се наоѓа Македонија.

Матеја Петровски