Мобилни продавачи во Градски парк само на определени локации

Во Градски парк, според најавите, ќе се воведе ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, по реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки.Се планира локаците да се доделуваат преку повик, тие да бидат со еднаква површина, да не го нарушуваат амбинетот на паркот, а сопствениците да добијат обврска да се справат со отпадоците.

Од Град Скопје велат дека се свесни за прашањето со поставувањето мобилни кафетерии во паркот, сконцентрирани на две-три локации кои узурпираат голем дел од патеката за минувачи. Најавуваат решение со коешто, како велат оттаму, ќе се излезе во пресрет на двете страни. Крајната цел е да се воведе ред и да се зголеми чистотата во паркот.

– На површината на Градски парк се мапирани точки кои ќе бидат наменети за ваков вид дејност. Нема да дозволиме натрупување на вакви подвижни приколки само во еден дел од паркот, истакнуваат од Град Скопје.

Оттаму најавуваат дека локациите ќе бидат објавени на јавен повик и заинтересираните продавачи ќе можат да аплицираат за нив.

– Предвидуваме и еднаква површина за сите мобилни продавачи. Изгледот на подвижните објекти и апарати ќе треба да не го нарушува амбиентот на градски парк. Најважно е што сопствениците ќе бидат обврзани отпадот да го фрлаат во посебни корпи за отпад, а не во кантите кои се поставени во паркот. Сакаме да воведеме ред и да ја зголемиме чистотата во паркот, појаснуваат од град Скопје

Според укажувањата на граѓаните, посетителите кои доаѓаат да се рекреираат во парк имаат потешкотии слободно да минуваат по патеките од бројните мобилни кафетерии и редиците граѓани околу нив. Додека едниот дел од Градски парк личи на панаѓур, како што велат, другиот дел е празен од посетители и продавачи. Се посочува и на случаи за проблеми помеѓу продавачите за тоа која локација кому „припаѓа“.

На следната седница на Советот на Град Скопје ќе се расправа по одлуката со која треба да се воведе ред во паркот и условите за давање одобрение за поставување подвижни објекти и апарати во паркот, димензиите на објектите и апаратите и површината која ја зафаќаат.