Многу неизвесности и непознаници за преговорите со ЕУ

Опозицијата мора да биде информирана и вклучена во процесот на преговори со ЕУ. Потребна е поголема транспарентност, а во јавно достапните информации не е спомната ниту улогата на Собранието во преговарачкиот процес. Нема ниту објава на официјален документ во кој детално се објаснува структурата на преговорите , а јавноста ги нема видено ниту имињата и презимињата на лицата кои ќе бидат ангажирани во преговарачките групи. Ова се дел од критиките во извештајот на Институт за демократија „Социетас цивилис“ и Евротинк.

  • На 82-та седница која се одржа на 31.07.2018 Владата, заклучи дека треба да се ‘извршат потребните консултации со сите релевантни министерства/институции и да го определат составот на сите останати работни групи за подготовка на преговори, најдоцна до 29 октомври 2018 година’. До овој момент јавноста ги нема видено имињата и презимињата на лицата кои ќе бидат ангажирани во преговарачките групи, пишува во извештајот.

Извештајот критикува и тоа што, во јавно достапните информации на Владата како и во предложениот концепт, не е спомената нигде ниту улогата на Собранието во пристапните преговори, кој треба да биде еден од клучните играчи во преговорите.

  • Потребно е преговарачките позиции да имаат широка поддршка и одржливост независно од политичко-партиските констелации. Тоа најдобро се обезбедува доколку Собранието стои зад нив.

Нејасен е и опсегот на работа на експертите, ниту пак критериумите за нивен избор. Според извештајот и вклучувањето на граѓанскиот сектор е неиздржлив и избрзан

  • Предлагањето на модел за вклучување на граѓанските организации без соодветна подготовка и широка консултација со засегнатите страни го сметаме за избрзано и неодржливо. Дополнително, на посебен јавен настан Владата најави дека по еден претставник/чка на граѓанските организации ќе биде вклучен-а во секоја од преговарачките групи без притоа да објасни како ќе се операционализира оваа нејзина најава.

Во јавноста засега од целиот процес, јасно е само дека е скап, комплексен и целосно неизвесен. Иако изминатите месеци се претставува како транспарентен и лесно достапен- единствено што се знае е дека вицепремиерот, Бујар Османи е политичкиот преговарач на чело на државната делегација на Македонија, додека во делегацијата како главен технички преговарач е Бојан Маричиќ. Во меѓувреме владата до јуни треба треба да испорача квалитетни реформи за да има позитивен извештај на Европската Комисија за отпочнување на преговори.