Многу контроверзии во договорот на Еуровиа со МНР-што ќе вгради, а што ќе изнајми компанијата во ВИП Арената Борис Трајковски?
Колку мебел и опрема ќе задржи ВИП Арената Борис Трајковски, а што ќе изнајми градежната компанија Еуровиа од Желино, само за да го адаптира спортскиот Центар, за декемврискиот министерски совет на ОБСЕ за кој доби тендер од МНР во висина од 1,8 милиони евра. Покрај маси и столчиња, Еуровиа ќе изнајмува и разводни табли, кабли, и светилки, согласно ставките во договорот, а по завршувањето на конференцијата, ќе си ги земат назад.
Откако алфа со обрати со прашања до Еуровиа, оттаму велат дека ова е светски значаен настан и внимателно го потготвуваат одговорот, откако викендов помина со лавина реакции за сопственикот на компанијата, кој е внук на поранешниот вицепремиер од ДУИ, Абдулаким Адеми. Но, сопственикот на Еуровиа Елмедин Адеми, не само што има роднински врски со ДУИ, неговото име се појавува и како најголем финансиер на партијата за 2022.
Имено, за претседавањето на советот на ОБСЕ, Владата одвои 5 милиони евра, народни пари за кои министерот за надворешни Бујар Османи смета дека не е висока сума за организирање на ваков меѓународен настан , иако парите се црпат од буџетот на македонија.
Од кабинетот на Османи посочија дека министерскиот совет во Македонија ќе има скромен и најмал буџет во однос на претходните претседателства.
Освен Еуровиа, за преадаптацијата, дополнително фирмата „Бар“ има добиено два тендери во висина од околу 190 илјади евра за план и за надзор.
Во меѓувреме, во тек е набавка за интернет и дигитални услуги. Освен реновирањето на спортскиот центар, државата ќе мора да изнајми и да плати ВИП возила, хотелско сместување и угостителски услуги за делегациите кои МНР очекува да ги предводат 70 министри за надворешни работи.
Компанијата „Еуровиа“ најголем дел од зделките со државата ги има склучено од 2017-та наваму.
Оваа година компанијата предводена од внук на екс-функционер на ДУИ склучи договори со државата во вредност од над 360 милиони денари (или околу 6 милиони евра). Речиси 2 милиони евра за Центарот Борис Трајковски, уште 2, 1 милиони евра за изградба на полициска станица во Општина Аеродром, и уште 2 милиони евра за расчистување на земјиштето околу автопатиштата низ цела Македонија.
Паула Костадиноска