ММФ: Јавниот долг во Македонија се зголемувал и кога немало потреба за финансирање на буџетскиот дефицит

Јавниот долг во Македонија се зголемувал и кога немало потреба за финансирање на буџетскиот дефицит, барем тоа не било прецизно наведено во државните финансиски извештаи – алармира Меѓународниот Монетарен Фонд во Извештајот за финансиска транспарентност за земјава. И покрај тоа што Фондот смета дека Владата станала потранспарентна, препорачува да се даваат повеќе податоци околу планираните, но и потрошените државни пари.

„Разликите помеѓу извештаите на државата и статистичките извештаи не се објаснети и ниеден извештај не објаснува како промената на државниот долг може да не се доведе во врска со буџетскиот дефицит, што е важно со оглед на тоа што во неколку години имало значајни промени во долгот што произлегоа од други фактори, а не само од потребите за финансирање на дефицитот“ – велат од ММФ.

Во извештајот стои дека буџетот ги вклучува владините приходи и расходи, но не и приходите кои државата ги собира и префрла во Агенцијата за државни патишта, што не се малку, туку сочинуваат 0,7% од БДП. Препораките се да се подобри фискалното известување, да се објавуваат податоци за државните средства, но и обврски, како и промените во јавниот долг и буџетскиот дефицит.

За министерот Тевдовски препораките на ММФ се насоки по кои треба да работи Владата и неговото министерство.

Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Денеска им позајми на банките скоро 58 милиони евра, пари кои ќе се враќаат со камата од 0.9 до 2.9%. Од министерството за финансии велат дека во следниот период, во два наврати, ќе се врати приближно иста сума на пари, утре 52, а на 3 ноември 6 милиони евра. И додека ММФ препорачува јавниот долг да се проектира на долг рок, Владата има само среднорочна стратегија со која си овозможи, во следните 3 години, да го зголеми јавниот долг до ниво од 55% од БДП. Според последните податоци, јавниот долг изнесува 48.8% од БДП и одамна надмина 5 милијарди евра.

Тања Попова