ММДЧП: Софија бара права за своите, а ги крши човековите права на Македонците во Бугарија

Македонското малцинство во Бугарија нема ниту едно од правата  предвидени во Рамковната конвенција за малцинства, a во текот на 2021 година состојбата на македонското малцинство во  Бугарија се влоши уште повеќе бидејќи  бугарската држава не презеде никакви мерки  напротив, направи напори да спречи признавање на македонско малцинство – загрижувачки резултати покажува извештајот за човековите права на македонското малцинство во Бугарија, изработен од Комитетот за одбрана на човекови права “Толерантност” . И покрај големиот број препораки од меѓународните тела, бугарските власти упорно одбиваат да водат дијалог со македонското малцинство. 

Бугарија не само што не го признава нашето малцинство, туку високите политички инстанци постојано одбиваа да се сретнат со  претставници на малцинските групи, иако Договорот за добрососедство предвидува меѓусебна соработка за подобрување на односите.

Негирањето не само на македонското малцинство, туку и политиката на негирање на постоењето на било какви малцинства во земјата се користи како причина за одбивање на регистрацијата на малцинските организации, за кои не само судовите туку и политичките партии тврдат дека се насочени против територијалниот интегритет на земја: „Бугарските судови упорно спроведуваат судска пракса да не ги регистрираат таканаречените здруженија на Македонците во Бугарија, имајќи го предвид фактот дека во Бугарија нема малцинства и што правото на здружување не смее да биде насочено против територијалниот интегритет на земјата“. Барањата за признавање на малцинствата се сметаат за „отворено сепаратистички тези“ – стои во извештајот. 

Говор на омраза, повреда на правото на здружување, а одеа и до таму што во пописните материјали, немаше графа “македонец, македонски”. Извештајот покажува дека Бугарија во ниеден момент не покажала почит кон Македонија со која треба да гради добрососедски односи. За ова, властите ни еднаш не реагираа. Отворањето на културниот центар во Битола Ванчо Михајлов е уште еден во низата скандали кои власта ги премолче, односно реагираше благо и задоцнето.

Заклучоците до кои дојде Комитетот за одбрана на човековите права се дека Бугарија треба официјално да го признае постоењето на националните малцинства, а за следниот попис да има графа “македонец”, да се преземат мерки за спречување на дискриминација кон малцинството, а  изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја треба да биде вклучено  во наставните програми за деца кои припаѓаат на македонското малцинство.

Адријана Алексиеска