„Млечната криза ќе се продлабочува оти Владата нема слух за нашите проблеми“, тврдат пелагониските сточари и се закануваат со протести

     Се остварија повеќемесечните стравувања и предупредувања на македонските млекопроизводители дека млечната криза жестоко ќе удри врз државната економија, а особено врз и онака истанчениот буџет на македонските граѓаните. Игнорантскиот однос на властите кој трае подолго време, си го зема својот данок, велат тие. Се жалат дека за две години немаат земено субвенции за предаденото млеко, откупната цена се движела едвај од 23 до 28 денари за литар, наспроти малопродажната која била повеќе од трикратно повисока.

   „Сега сме ние на прагот на прибирање на сточната храна, претежно на силажата и есенската сеидба. Ако сега не ги добиеме субвенциите, до крајот на месецот, па има сточари што не можат да соберат ни храна, ни не можат за в година да посеат никаква житарица, наредната година ќе биде уште полошо..На многу наврати ние апелиравме дека малите производители на млеко ги продаваат кравите, тоа Владата и МЗШВ, не ги интересираше“, – вели Тони Петковски, претседател на Здружението „Пелагониски сточари“.

  Сериозен проблем е и преполовениот сточен фонд во земјава, кој е со тенденција за уште поголемо намалување. Не можејќи повеќе да се носат со незапамтената скапотија, сточарите се принудени да ја продаваат стоката. Велат, за лек да биде препишан кашкавалот чија цена достигна до 800 денари, граѓаните не ќе можат да го купат. А тоа  е невидена срамота, децидни се тие.

  „Како што ги гледам околните села околу мене, еве останавме само ние што работиме фамилијарно. Ако земеш работник да ти работи за кравите, не можеш да опстаниш. Нема ни работник да најдеш, не идат, никој не ти работи стока“, кажа Илче Чокузовски, сточар од село Трн.

  Доколку до крајот на месецов не им бидат исплатени заостанатите субвенциите за две години, сточарите веќе се организираат за масовни протести со блокади на патиштата, бидејќи како што велат, откако овчарите најавиле протест за на 15-ти месецов, државата пред тој датум им ги исплатила сите заостанати побарувања:   

  Каролина Дурло