Млекопроизводителите алармираат за нови производни загуби по враќањето на трговските маржи на млекото и млечните производи

„Државата го укина ограничувањето на трговските маржи за млекото и млечните производи, трговците задоволно си тријат раце, а нам млекото и понатаму ни се откупува по цени кои се далеку од рентабилни и се во постојан пад. Ова е веќе и неиздржливо, но и понижувачки навредливо“, – вели сточарот Тони Петковски, кој цел живот егзистира од одгледувањето крави.
„Повторно малопродажните цени се поскапуваат за 10-15 насто. А кај нас, на откупната цена на млекото, од 3-4 денари оди надолу. И така сточниот фонд е на нула, како и цело земјоделие вкупно, ама сега сме скрос во колапс. Моменталната цена просек е 30-31 ден.. Според нашите пресметки, ако редовно се исплаќаат субвенциите по литар млеко и 35 денари (откупна), некако ќе можеме да преживееме, и со дополнителна помош од Владата, од Министерството за земјоделие“, – коментира Тони Петковски, сточар од битолското село Велушино.
Освен со актуелниот пад на откупните цени на млекото, сточарите имаат проблем и со се’ уште недоисплатените субвенции по литар предадено млеко за ланската година. Петковски вели дека државата во моментов им должи субвенции за вкупно осум месеци што пак, дополнително им го отежнува производството, бидејќи немаат пари.
„Исплатија само за четири месеци за 2022 година. Сега се префрлени во Програмата за рурален развој, таму 50-50 за механизација, и воопшто повеќе не ги интересира. За 2022 ни борчат 8 месеци, значи 5 плус трите што одат во прва фаза во ’23-та, а министерот и директорот Бачовски се пофалија дека ќе имаме и Интервентен фонд, дека ‘23-та веднаш предвеме ќе биде платена, а тие не ја плаќаат ’22-ра, а не камо ли ’23-та да ја платат“, – објаснува Петковски.
Исто така, сточарите се жалат дека за две години не им бил вратен ниту персоналниот данок, а имаат сериозни проблеми и со обезбедувањето на добиточната храна за престојната зима, бидејќи цело време работат со загуби. Од друга страна и преполовениот сточен фонд во земјава кој е со тенденција на уште поголемо намалување, си го зема својот данок. Заради преголемата скапија, стоката масовно се продава. Велат, за лек да биде препишан кашкавалот чија цена достигнува до 800 денари, граѓаните не ќе можат да го купат. А тоа е невидена срамота за земја како што е Македонија која раѓа се’, ама ако државата води сметка за земјоделието и земјоделците онака како што треба. Во спротивно, храна ќе имаме се’ помалку и ќе биде прескапа, констатира Петковски.
Каролина Дурло