Млекарницата „Здравје“ е пред портите на европскиот пазар

Со откупувањето на најквалитетно млеко според европските правила за квалитет и имплементацијата на IFS и BRC стандардите за безбедност во производството на храна, млекарницата “Здравје“ ширум си ги отвори портите на строгиот европски пазар на храна. На овој начин, овој преработувач на млеко, ќе си обезбеди лесен пристап до европските синџири на маркети

„Со активностите што оваа компанија во последно време ги презема, сакаме уште еднаш да ја потврдиме нашата определба за производство на квалитетни и безбедни производи, меѓутоа и нашата интенција нашите производи да бидат пласирани пред меѓународните потрошувачи“, рече Радмила Чобанова- Василевска, директор за контрола на квалитет во Млекарницата.

Еден од најбитните услови за постигнување на оваа цел е квалитетот на суровинската основа. Млекото што се откупува  од ЗК “Пелагонија“ со дневно количество од 50 тони го одржува нивото на европските стандарди и правилници со помалку од 100. 000 бактерии  и до 400. 000 соматски клетки на мл.

„Слободно можам да кажам дека во овој момент млекарницата “Здравје“ е единствена компанија која што секојдневно прима толкаво количество на млеко со екстра квалитет, а квалитетната суровина е предуслов и прв чекор до производство на квалитетни производи“, рече Чобанова- Василевска.

Но, тука не застануваат развојните проекции. Во овој инвестициски циклус, интенцијата е Работната единица во Битола да прерасне во доминантен преработувачки центар на “Здравје“, преку заокружување на повеќе преработувачки линии, технолошки поврзани во една целина. Набавена и се инсталира опрема за кисело- млечни производи, а веќе производствено  се позиционирани и капацитетите за подготовка на три врсти кашкавал и италијански  пармезани.

„Фабриката е спремна за извоз на сите пазари. Моментално го гледате традиционалниот македонски мешан и овчи кашкавал, кој зрее во оваа комора најмалку шеесет дена. Во останатите комори се наоѓаат пармезаните кои ги развивавме со италијански стручњаци во изминатата година и на крајот на оваа недела почнува извозот за Руската федерација. Со тоа, млекарницата “Здравје“ сигурно ќе стане најголемиот извозник на сирења од Македонија“, рече оперативниот менаџер Сашо Василевски.

За овие цели, се планира дневен откуп од 160- 200 тони млеко од ЗК “Пелагонија“ и од  150 покрупни кооперанти кај кои се инвестира со лактофризери и друга опрема. Од друга страна, со овој најсовремен млечен капацитет на “Здравје“ во Битола кој ќе вработува 150 работници, бидејќи доминантната суровинска основа се обезбедува од Пелагонија, ќе се ослободат од огромните транспортни трошоци.

Петар Стефановски