Младите се иселуваат, во земјава ретко кој навистина бара работа

Ниту Владата има податоци за иселувањето, ниту пак, Агенцијата за вработување има бројки колку од невработените од нејзината евиденција имаат некакви приходи, односно повремено одат да работат во странство или пак се дел од сивата економија. Директорката на Агенцијата вели дека 70% од невработените воопшто не одат на интервјуа за работа кај компаниите.

„Од 30-те проценти кои ќе дојдат на интервју, половина од нив одат на интервју кај работодавачот, но најчесто ја одбиваат понудата за работа. Причините за тоа се најразлични, односно не им одговара местото, платата, смената“ – вели директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.

Често и Агенцијата ги поврзува невработените со фирми кои им нудат работа за која тие немаат квалификации. Од Агенцијата за вработување велат дека граѓаните често се разочаруваат во потрагата по работа, затоа што многу компании само формално објавуваат огласи, но однапред знаат кого ќе стават на таа позиција.

„Во принцип имаме објавено работно место, а работодавачот веќе го има пронајдено лицето кое ќе го вработи, така што невработените лица кога ќе се јават на огласот работодавачот им вели дека веќе е направен избор и невработеното лице веќе ја губи довербата во нашата институција. Работиме на тој проблем и сакаме да дојдеме до една вистинска слика за реални слободни работни места за да почне да се создава доверба меѓу сите чинители“ – вели директорката на АВРМ Билјана Јовановска.

30% од фирмите кои во изминативе години ги отвораа невработените преку програмите на Агенцијата за вработување веќе ставиле клуч на врата. Во моментов во земјава има 190 илјади невработени лица, од кои половината се пасивни баратели на работа. И додека политичарите се препукуваат поради чии погрешни политики населението се иселува, сите испитувања на јавното мислење покажуваат дека над 80% од младите сакаат да ја напуштат државата. Половина од работоспособното население, според Светска банка, ниту посетува обуки, ниту бара работа во земјава.

Тања Попова