Младите не ги интересира политичкиот пристап кон Преспанскиот договор

Македонија не е земја која ќе се формира во 2019 година, а нашата традиција низ фолклорот е проткаена со идејата дека имаме само едно име, вели Кристијан. Тој е еден од претставниците на младите кои не се декларираат политички и не се дел од ниедна организација против промената на името. Нив ги води идејата дека ова е над партиски проблем.

– Јас живеев 3 години во странство и постојано патувам и знам како е кога си странец, само дома е дома, тој што живеел во странство, тоа ќе ви го каже. Тоа е над политички проблем, тој проблем излегува надвор од политиката и јас не гледам политички пристап тука, се што треба да се направи е името да не го менуваме. Оваа ситуација ја доживувам како ние да сме една голема фамилија, треба да зборуваме и дискутираме отворено сите и да видиме дали има мнозинство на македонскиот народ, кое сака да се промени името или не сака да се промени името. Ако се водиме според референдумот, јасна е пораката, вели Кристијан.

Синоќа сенароден протест одржа иницијативата Бојкотирам. Тие пак велат дека се поголем број млади ги поддржувале на улиците за време на протестите, а токму повикот преку социјалните мрежи и заедничката цел за не промена на името ги обединувала .

– Исмејување на социјалните мрежи за оваа состојба во која се наоѓа нашата држава и целокупната власт и се, беше првенствено целта да се подигнат младите да се организираат повеќе и да се вклучат во борбата за Македонија, вели Горан од Бојкотирам.

Луѓето кои синоќа го кренаа гласот низ улиците во Скопје бараат итно и безусловно запирање на процесот на Уставни промени, поништување на Преспанскиот договор, почитување на домашното и меѓународното јавно право, трајна заштита на името на државата, распуштање на собранието и распишување вонредни парламентарни избори.