Младите иднината ја гледаат во странство – Како да запре одливот на мозоци од државава?!

Државата прави напори да го задржи постоечкиот кадар и да ги врати работниците кои заминале во странство. Тоа ќе го прави преку промена во регулативата за работни односи, преквалификација на невработените, креирање добро платени места, како и промена на образовниот систем.

Вицепремиерот за економски прашања признава дека младината си оди, но вели дека ќе направат се за таа бројка да не се зголемува.

  • Активностите треба да се насочат кон отворање работни места кои ќе бидат подобро платени и поатрактивни за младите да останат во државата и да се обезбедат услови за преквалификација на невработените кои немаат соодветна едукација, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Според вицепремиерот, веќе не е проблем отворањето работни места, туку како да се пополнат, а невработените да се оспособат и преквалификуваат за најбараните и најдефицирани работни позиции.

Бизнис заедницата бара повеќе вакви мерки за поддршка на вработувањето. Стопанствениците велат дека мора да се интервенира што поскоро, зашто стручниот кадар е клучен за нивното делување.

Целта на форумот што денеска се одржа во Скопје, е да се претстават предизвиците на компаниите со наоѓање квалификувани работници, и начините со кои младите би се задржале во земјата за отворање на нови перспективи.

Како главни гранки каде најмногу се чувствува недостиг на кадар се ИТ секторот, градежништвото, дистрибуцијата, производството.

И додека се иницираат решенија што ќе обезбедат поголем развој на пазарот на трудот, Светска банка предупредува дека невработеноста кај младите се намалила во сите балкански земји, освен во Македонија и Косово каде дури половина од работоспособните млади се без работа.

Борис Грујоски