Младите бараат реални мерки и поддршка од државата за да не се иселуваат

Катастрофалните политики ги туркаат младите надвор од државата. Дури 77.000 млади луѓе се иселиле од Македонија во последните години. Истражувањата на невладините организации за иселувањето на млади лица од 15 до 29 години се поразителни, а бројките загрижувачки. Скоро ништо не се вложува за да имаат подобар и поквалитетен живот во Македонија. Ова го нотираше анализата „Млади и Попис” чии наоди ги презентираше Фондацијата за демократија на Вестминстер.
- „Скоро сите општини бележат пад на младинското население освен општина Липоково која што има портаст на население од 2%. Во однос на каде живеат младите луѓе, 58% живеат во урбани средини, додека 42% живеат во рурални средини.“ – Вели Петар Бардакоски, Претседател на Младински образовен форум.
Работите мора итно да се променат, предупредуваат невладините. Потребна е долгорочна стратегија за да се намали младинската емиграција. Државата треба на младите да им понуди можности и иднина.
- „Кога ќе ги прашаме младите што сакаат да се подобри, дознаваме дека покрај квалитетните работни места, нив важно им е образование, подобрена инфраструктура, подобрување на грижата за животната средина, спортот и рекреацијата и други теми, кои што не се само од интерес на младите, туку на сите“ – Вели Дона Костуранова, директор во Македонија за фондација за демократија на Вестминстер.
Иако пред три години е донесен закон за младинско учество и младински политики според кој треба да се одвојуваат од 15 до 20 милиони евра годишно, во зависност од буџетските проекции, сепак е нејасно дали, колку и како се издвојува за младите во државата.
- „Проблемите доаѓаат од тоа што законот во одредена мера е недоречен и не можат до крај да се следат кои средства се сметаат за средства за млади, а кои средства се сметаат за други намени, како образование, култура, спорт и тн. Меѓутоа, имајќи го во предвид и овој предизвик со кој се соочивме, заклучоците до кои што дојдовме не беа баш оптимистички, во смисла дека буџетот за млади, односно средствата со кои што располага агенцијата за млади и спорт, а се наменети за млади, не се наменети за спорт, се многу мал дел од вкупните расходи од агенцијата.“ – Појаснува Проф. Д-р. Катерина Шапкова – Коцевска – Автор на студијата за „Финансирање на младинските политики“.
Директорот на заводот за статистика вели дека тие дале јасна слика, која покажува дека сме помалку за 200.000 во споредба со 2002-та, а се повеќе бебиња на македонски граѓани се раѓаат во странство, наместо кај нас.
- „Оној кој што треба да носи квалитетни политики, кој што треба и да ги спроведува тие квалитетни политики, треба да ги прочита тие податоци, до тука е нашиот дел“ – Порачува директорот на заводот за статистика, Апостол Симовски.
Промоцијата на анализите се оддржува во чест на Меѓународниот ден на младите.
Никола Цветкоски