Мијат мртовци за да ја добијат назад возачката – програма во Молдавија за пијаните возачи

Пијаните возачи во Молдавија ќе мијат мртви тела ако сакаат да им биде вратена  возачката дозвола. Според новата таканаречена програма за превоспитување, која има за цел да го спречи возењето под дејство на алкохол, шоферите ќе мора да работат во мртовечница.

И не само тоа, туку за  да влезат во програмата , возачите кои ги изгубиле дозволите за да добијат пристап до програмата ќе треба да платат околу 225 долари. Во рамки на програмата, оние возачи кои биле „фатени“ во алкохолизирана состојба ќе помогаат во лекувањето на повредените во сообраќајни незгоди , а доколку нема такви тогаш ќе работат со лекари во мртовечници.

Програмата започнала неодамна во мртовечница во Кишињев и веќе по само неколку минути почнала да дава резултати. Учесниците коментирале дека веќе никогаш нема да се напијат ниту капка, а според стручњаците овој проект ќе има огромен психолошки ефект врз пијаните возачи.

Во Македонија пак Министерството за внатрешни работи повеќе од година дена преку засилени акциски контроли се обидува да го намали бројот на возачи под дејство на алкохол. Но,  судејќи по бројките само од синоќа, апелите и контролите, изгледа не помагаат многу кај македонското население. Билансот од саботната вечер е  санкционирани 44 возачи под дејство на алкохол на територијата на цела држава.  Само во Скопје, во изминатата ноќ биле изречени 15 мерки за возење под дејство на алкохол, 12 во Тетово и 17 во Битола.

Речиси секој викенд билтенот на МВР е полн со бројки не само за пијани возачи туку и за бројни прекршоци во сообраќајот, 175 возачи биле санкционирани само синоќа во Скопје заради разни прекршоци од брзо возење, до возење без возачка дозвола и непочитување на сообраќајната сигнализација.  Ништо подобра не е ни сликата во Битола каде 45 мина возеле пребрзо .  

Поригорозна мерка се подготвува дури на крајот на годината ако се усвои предлогот на Министерството за правда со кој возењето под дејство на алкохол ќе биде кривично дело и  казниво со парични казни или казна затвор до три години.  Исто така , како кривично дело ќе се смета и доколку возачот е под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Кристина Алексиеска