Мицотакис: Нема си оди „Тркачот“, туку Владата на Ципрас

„Лошите последици од Договорот од Преспа, од штетни стигнуваат до смешни, вели лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија“, Кирјакос Мицотакис, коментирајќи ја дискусијата што се отвори во Грција за наводна размена на споменици, односно како што рече, „за наводна размена на споменик – симбол што воопшто не ѝ припаѓа на државата, туку на Општина Атина, со некој кич споменик на Александар Велики, доказ на фалсификувањето на историјата“.

„Некои сакаа да донесеме и да поставиме на местото на „Тркач“, споменик што го симболизира скопскиот иредентизам. Им велиме јасно: „Тркачот“ не оди никаде. Тие многу брзо ќе го фатат патот од власта, со ваша одлука, со пресуда од грчкиот народ“, рече Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија, во неговиот говор од грчкиот остров Лезбос, каде што беше во еднодневна посета, го критикуваше договорот од Преспа и најави пораз на Ципрас на овогодинешните избори во Грција.

„Оваа 2019 е година на избори, година кога конечно ќе ставиме крај на најлошата влада по падот на хунтата. Година кога ќе испратиме голема порака за политичка промена. Година кога грчките граѓани судбината на земјата, повторно ќе ѝ ја доверат на Нова демократија.“