Мицотакис бара изборите во Грција да бидат и своевиден референдум

Мицотакис бара предвремени избори во Грција кои би биле и своевиден референдум за името. Парламентарните избори требало да се случат во најбрз временски период – за грчкиот народ да донесе одлука.

Нова Демократија има цврсти ставови дека нема да го ратификува Преспанскиот Договор во грчкиот Парламент и ја обвинува  владата дека во внатрешноста имала различни позиции.

Додека Ципрас и министерот за одбрана Каменос, биле приковани за фотелјите уште неколку месеци, го искористувале наводното внатрешно несогласување, само за да добијат уште малку време во власта.

– Затоа и ние ќе инсистираме: избори колку е можно поскоро. Колку поскоро си оди владата, толку подобро е за земјата. А за прашањето со Договорот од Преспа, нека одлучи грчкиот народ. Пред договорот да дојде за ратификација во Парламентот. Ние, овој договор нема да го ратификуваме, ниту сега, ниту ако го најдеме пред нас во следниот Парламент, вели Мицотакис.  

Особени реакции во Грција предизвикаа стенограмите кои ги објави весникот Катимерини и германски ФАЗ. Таму се објавени наводни тајни средби на специјалната претставничка на Мицотакис и портпаролка на НД Мариа Спираки со премиерот Заев уште пред да почнат преговорите. Спираки, во изјава за медиумите, кажа дека со Заев се сретнала случајно кога одела на кафе.

– Треба да одговорат: зошто ја држеа средбата во тајност? Која е целта на состанокот пред да почне официјалниот циклус контакти на грчката Влада, со Владата на ПЈРМ? Какви доверливи пораки му пренесе на господинот Заев во име на господинот Мицотакис? Имаше ли и други такви случајни средби во кафулиња со политичката власт на соседот, што реши да ги држи во тајност? , соопштува грчката Влада.

Денеска министерот за дигитална политика на Грција, Никос Папас, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ кажа дека Владата ги убедувала  пратениците, но и самиот Панос Каменос дека Преспанскиот Договор треба да биде изгласан и од него и од пратениците  на Независни Грци.

Во случај да се доставела нова иницијатива за гласање недоверба на грчката влада, поради Договорот од Преспа, Папас вели дека немало во никој случај да се соберат 151 пратеник за да падне владата на Сириза.

Лепа Џундева