Мицкоски: 2022-ра е година на катастрофална економија

Катастрофална година на економски план. Негативни биле показателите во сите области – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него, и покрај тоа што партијата цела 2022-ра предупредувала дека државата оди во лоша насока, власта не направила ништо да ја подобри состојбата. Поразителни биле податоците за висока корупција, мал економски раст и рекордно висока инфлација.

– Катастрофална. Имаме година со катастрофална економија, последни сме во регионот, со многу корупција, со многу криминал, со многу голема инфлација, најлошо се справуваме со сите кризи и тоа не го зборувам јас затоа што ете сега ние сме опозиција, туку ова го зборувам затоа што ценам дека тоа се факти кој што ги чувствува секој еден граѓанин и тоа впрочем може да го видите во мерењата на јавните мислења – рече Мицкоски.

Во годинава што полека изминува ВМРО-ДПМНЕ како опозиција даваше бројни предлози за сузбивање на инфлацијата. Од механизми за кратење на ДДВ и акцизите за да поевтинат горивата, до поголем пораст на платите во администрацијата за да се задржи барем животниот стандард од стартот на годината кој го „изеде“ инфлацијата.

Ограничените и задоцнети мерки на Владата за помош на граѓаните и стопанството резултираа со двоцифрена инфлација која достигна 19 и пол проценти. Иако надлежните упорно тврдат дека мерките за субвенционирање на струја за фирмите конечно ќе дадат резултат и цените, барем оние на основните прехранбени производи ќе се намалат, тоа досега не се случи. Владата предвидува инфлацијата догодина да достигне 7,1%.

Партијата единствено го поздрави одложувањето на воведување прогресивен данок, што е нивно барање со години наназад. Даночната реформа што ќе ја спроведе владата предвидува и еднократно фирмите со профит поголем од 10 милиони евра да платат т.н. данок на екстра профит по примерот на Австрија, Словенија и Хрватска.

Тања Попова

Advertisements