Мицкоски ја критикува власта за популизам и предложи нов план за излез од кризата

Мерките на Владата за справување до последиците од енергетската криза се популистички и на ниту еден начин не го заштитуваат животниот стандард на граѓаните – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта нема детален план со буџетски пресметки за секоја мерка и нема никаква конкретна поддршка за бизнисот и извозниот сектор кој е силно погоден од енергетската криза. Христијан Мицкоски предложи сет антикризни мерки кои пред се, се однесуваат на стопанството.

Прво предлагаме вишоците кои што ги произведува поранешно ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ на струја кои што се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за поранешна АД ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ. Според нашите калкулации таа цена нема да надмине вредност од 80 евра за мегават на час. А, периодот на апликација на оваа мерка да биде од први ноември 2022 година и се до крајот на кризната состојба, 30-ти април 2023 година. Втор предлог, секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на регулираниот пазар на електрична енергија, на струја, кој што е пропишан од страна на Регулаторната комисија за енергетика тарифникот и таа изнесува од прилика просечната 200 евра за мегават час, секоја цена над таа која што ќе ја платат компаниите половина од разликата да ја преземе државата. Предвидуваме Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, за да можат да се снабдат граѓаните по пониска цена за да не удираме со ДДВ врз стандардот на граѓаните изјави Мицкоски.

Меѓу мерките кои ги предлага опозицијата, за кои смета дека ќе бидат директно ублажување на последиците врз стандардот на граѓаните, спас на работните места и поддршка за компаниите е и предлогот за одложување на прогресивниот данок. Наместо да биде воведен на први јануари 2023 година, да се одложи за уште една година. 

Предлагаме интервенција во Законот за личен доход и таа иницијатива ќе ја поднесеме во Собранието, во текот на оваа или следната недела, со кој што ќе се одложи скалестото оданочување. Петто, дестерилизираат на благајничките записи во Народната банка. Таму цениме дека има помеѓу 150 и 160 милиони денари пари од банките од фондовите кои што се наоѓаат запишани во благајничките записи. Да се дестерилизираат со намалена емисија на благајнички записи и тие пари да се вратат назад кај банките, а потоа банките тие пари да ги пласираат до стопанството, односно да ги стават на располагање на стопанството со што ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите, а работните места ќе бидат сочувани – додаде Мицкоски.

Според Мицкоски, последниот пакет мерки за кој вчера соопшти премиерот Димитар Ковачевски бил симболичен. Мерките за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, пензионери и компании бил трик за замајување на јавноста дека нешто се прави додека компаниите затвораат а стопанството полека умира. Тој ја повика власта веднаш да ги прифати предлозите за справување со кризата за кои смета дека се суштински бидејќи сега не било време за бркање политички поени туку за делување.

Адријана Алексиеска

Advertisements