Мицкоски: Јас го земам бајракот со секој еден од вас и ви велам- ќе победиме

На Македонија и е потребна надеж, светлина, демонстрација на тоа дека може поинаку, и дека не е се загубено, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на конвенцијата во Струга каде се избира партиски кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.

-Јас го земам бајракот, со сите еден од вас, подеднакво како и вас, до вас и со вас, и ви велам, ќе победиме. Ве гледам во очи и ви велам, ќе победиме! Ќе ги донесеме промените кои се потребни, а Македонија ќе ја сочуваме. Ќе донесеме подобро утре, со план и со стратегија, со срце и со длабок разум, за нашата земја, рече Мицкоски и додаде:

„Македонија повеќе нема време за губење, и нема повеќе причини за залудно трошење на уште животи за да чекаме да дојде подобро. Тоа мора да биде сега. И имаме огромна причина за сето ова, имаме огромен мотив за нашата борба. Нејзиното име го изговараме со огромна почит и емоција која доаѓа од нашето срце и која допира и до нашите корени, нашите дедовци и прадедовци,  она што сме,  збор кој и во 21-от век ни создава немири. Но ние ќе опстоиме за Македонија! За Македонија! За честита Македонија!“.