Мицкоски: Хаос и неработење, кражби на секој чекор, Македонија го живее своето најцрно време

Македонија го живее своето најцрно време, катастрофално лоша економска политика, криминал кој цвета, кражби на секој чекор, крвави тендери и власт која го дели народот на богати и сиромашни. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема дилеми дека на оваа власт ќе и се случи народ поради тоталниот хаос кој го предизвика во државата.

Имаме тотален хаос и неработа во секое поле. Нема никакви резултати ниту напредок во било која сфера. Престана да се гради во државата, за година ипол не отпочнаа ниту еден проект, градежништвото во низа бележи двоцифрени падови, економијата е далеку под 5 осто раст каков што ветуваа пред да дојдат на власт. За година ипол не удрија камен темелник на ниту едно училиште, спортска сала, болница – вели лидерот на најголемата опозициска партија.

Мицкоски потсетува дека оваа власт од ВМРО-ДПМНЕ наследи готов проект и пари за изградба на нова Клиничка Болница, но го прекинаа договорот за градба со објаснување дека ќе граделе нова меѓу Бардовци и Злокуќани. Сега се откажаа од градба таму, ама штетата е направена, до сега ќе имавме карабина на новата клиничка болница за која беа обезбедени пари – дополнува тој. Истото е и со автопатот Скопје-Штип кој го наследија во финалната фаза и повторно им успеа да го заглават.

Македонија го живее своето најцрно време, порано секоја година се натпреварувавме на листата на Дуинг бизнис, сега одиме надоле, имаме пад во рангирањето, во Македонија не се отвораат фабрики, бизнисот трпи, а гледаме единствено пресметка меѓу олигарсите за фаќање на место под криминалниот чадор на власта – порачува Мицкоски.

Тој потенцира дека оваа власт победи со ветувања дека ќе направат да биде подобро, но тоа „подобро“ никаде го нема. Вистинска борба со криминалот нема, бидејќи, како што вели, криминалци владеат со земјата. А што се однесува до најавената даночна реформа, Мицкоски со коментар:

Тоа не е реформа. Тоа е крадење од народот….Повисоките даноци нема да ги зголемат приходите туку ќе го оптоварат стопанството, ќе има можно зголемување на цени, а воедно се праќа негативна порака и до стопанствениците и инвеститорите.  Владата не создава вредност во општеството, нема капитални инвестиции  – објаснува опозицискиот лидер.

Мицкоски истакнува дека власта зема пари од граѓаните за да се луксузира, да трошат за цвеќиња, за нови џипови во кои се возат, за тендери, за роднини… Ова е грабеж, нема друг збор, тврди Мицкоски, кој не исклучува дури и протесни маршови и ветува дека на првата седница откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата од граѓаните, ќе ги укине повисоките даноци.

Драган Милосављевиќ