Мицкоски: Сѐ погласно е незадоволството во пратеничките групи на СДСМ и ДУИ, затоа мислам дека 2023 ќе биде изборна година

Неодговорно е повеќе оваа Влада да продолжи да функционира и сѐ погласно е незадоволството од граѓаните, но и од пратеничките групи на партиите што ја подржуваат власта. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори за тоа на што ја темели прогнозата дека до година в пролет, ќе се случат предвремени избори. Тие мора да се одржат, додава Мицкоски, зашто власта само гледа како државата тоне, назадува, нема реформи, нема резултати, наместо сериозно да ги засука ракавите и да работи.

  • Неодговорно е повеќе оваа влада да продолжи да функционира и сѐ погласно е незадоволството во рамките на пратеничките групи на партиите кои што ја подржуваат оваа влада. Тука пред сѐ мислам на ДУИ и на СДСМ бидејќи гледаат како државата тоне, назадува, нема реформи, нема резултати, неспособни криминални политичари ја водат таа влада и охрабрен од тие сигнали што ги добивам од пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ, мислам дека оваа година ќе се најдат 61 пратеник кои што ќе го распуштат овој Парламент, ќе одиме на предвремени парламентарни избори и потоа ќе дојде една влада која што ќе биде избрана од народот, народна влада, а не избрана во еден тесен круг на луѓе и премиер избран во тесен круг на луѓе, која што ќе работи за интересите на народот и државата, а не заличните интереси или партиските интереси, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски е оптимист дека пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ ќе се најдат 61 пратеник кои што ќе го распуштат Парламентот, по што се надева дека ќе дојде Влада која што ќе биде избрана од народот, а не избрана во тесен круг на луѓе, кои работат за партиските интереси.

  • Охрабрен од овие сигнали, мислам дека имаме голема шанса оваа година, тие два датума 14-ти или 21 мај да бидат изборни датуми и да видиме. На крајот од денот ако навистина верува во тоа што го зборува владата на ДУИ и СДСМ дека добро работат дека се навистина успешни ќе можеме да го провериме тоа на избори, народот да си каже, народот е суверен на оваа држава, а не функционерите на ДУИ поддржани од СДСМ, потенцираше Мицкоски.

Иако додека Регулаторот заборавил да каже дека ќе поскапи и ефтината тарифа на струјата, Мицкоски ги потсети граѓаните дека од следната недела таа од 0,6 денари, се зголемува на 1,3 денари, односно повеќе од дупло.

  • Евтината тарифа од 0,6 денари се зголемува на 1,3 денари, повеќе од двапати тоа го заборавија да го кажат. И сега кога ќе си пресмета секој еден граѓанин колку киловат часови троши во евтина, а колку во еден од блоковите ќе видите дека сметката со додадените плус 5% данок на додадена вредност ќе биде најмалку 20% поголема. Но, тоа од први јануари ќе го видат сите граѓани и ќе го доживеат. Тоа заборавија да го кажат, тоа никаде го нема, ниту во соопштението на Регулаторната дека ниската тарифа од 0,6 денари ќе стане 1,3 денари. наеднаш се зголеми за 200 отсто. Тоа никаде го нема, тоа никој не го кажува, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Што се однесува до недомаќинското работење на Државните електрани, Мицкоски рече дека во 2021 и 2022 година од државниот буџет кон ЕСМ префрлиле повеќе од 265 милиони евра. А, само годинава заклучно ноември, се префрлени 180 милиони евра, народни пари. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека од тие пари, најмалку 30 милиони се крадат, и затоа ги повика институциите за борба против криминалот и корупцијата да ги прочешлаат овие документи и да видат како се краде Македонија.

Борис Грујоски

Advertisements