Мицкоски со двојно повисок рејтинг од Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ со голема предност пред СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ужива поголема доверба кај граѓаните во однос на СДСМ за дури 5 проценти покажало најновото истражување на јавното мислење спроведено од Агенцијата ИПИС. Доколку следната недела има избори, според анкетата, ќе победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ или за неа би гласале 21,2%, а само 16,2% од испитаниците би го дале гласот за владејачката партија. Дуи се уште е партија со највисока доверба меѓу албанските гласачи.

Во телефонското истражување спроведено од 4 до 6 мај 2022 на примерок од 1111 полнолетни испитаници на ниво на Македонија 16,2 проценти од нив одговориле дека му веруваат на Мицкоски, а актуелниот премиер Димитар Ковачевски има речиси двојно понизок рејтинг. Во него лидер гледаат само 8,7 проценти од испитаниците. Од лидерите во албанскиот блок, најголема доверба на електоратот ужива Али Ахмети со 7,3%, а Зијадин Села од Алијансата за Албанците има доверба од 3,8 проценти.

Дека во Македонија се потребни предвремени парламентарни избори како излез од политичката криза сметат високи 39,1отсто од граѓаните, а 32,5 проценти сметаат дека актуелната власт треба да го доврши мандатот.

Премиерот Ковачевски пак не смета дека во моментов е потребно ново изборно соочување, а уште помалку дека тоа треба да биде единствена точка на лидерската средба која ја бара опозицискиот лидер.

Првиот човек на опозицијата Мицкоски му постави рок на Ковачевски до 10 мај да донесе одлука за лидерско соочување и одлука за предвремени парламентарни избори, а по истекот на тој рок почнува активната блокада на Парламентот.

Ковачевски не гледа ниту потреба власта да понесе одговорност за се поизвесниот ладен туш од Брисел и евентуален неуспех во преговорите со Бугарија, откако тамошните фнкционери ги зголемија ултиматумите за кревање на бугарското вето за македонските евроинтеграции.. 

Ивана Соколовиќ Најдова