Мицкоски: СДСМ тоне, со монтирани процеси сака да ја дефокусира јавноста од огромната инфлација

Предмет со истечен рок за водење било каква постапка, незаконито поднесен од неовласен тужител – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека судскиот процес за „Талир 2“ е политички монтиран случај. Партијата во предметот не во улога на обвинет и не може пресудата да се заснова на одземање на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој обвинува дека во случајот воопшто не биле сослушани и немале право да ги дадат своите аргументи. Еден од аргументите кои фрла сомнежи дека процесот е монтиран, според Мицкоски е донесувањето на пресудата ден по завршните зборови – нелогично бидејќи надлежните немале време ниту да ги прегледаат стенограмите од последното рочиште.

Дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2. И тука да бидеме на чисто, мојот став и понатаму е и родената сестра ако се огреши пред законот треба да одговара, но не преку политички монтирани процеси и окторирани и партизирани обвинители и судии. И немам дилеми дека треба да има апсолутна правда, безусловно почитување на законите и Уставот. Но, сето тоа треба да биде низ правна процедура – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Уште една нелогичност во судскиот процес е што се конфискува исклучиво објектот во сопственост на партијата но не и земјиштето. Веднаш откако пресудата ќе стане правосилна и опозициската партија писмено ќе ја добие, Мицкоски најави жалба до Апелациониот суд, и иако не верува дека второстепената пресуда би била поинаква, ќе одат до Стразбур.

-Ние на сето ова ќе вложиме жалба откако писмено ќе ја добиеме пресудата пред Апелациониот суд, не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана – изјави Мицкоски.

Скопскиот кривичен суд одлучи и да се конфискува Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ но и уште дваесетина партиски штабови низ државата. Адвокатката Ружица Николовска алармираше дека целта на судскиот процес била токму конфискација на имотот, а за да ја променат ваквата одлука  ќе ги искористат сите правни можности. Она што беше симптоматично и за неа е што од завршните зборови на одбраната до донесувањето на пресудата не поминале ниту 12 часа.

За случајот „Талир 2“ поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски доби казна затвор од шест години, а поранешниот ген-сек Божиновски две години условна казна.

Адријана Алекисекса

Advertisements

Поврзани вести