Мицкоски: Референдум мора да има,  Пендаровски и Ковачевски да не опструираат преку Џафери

Ковачевски и Пендаровски да не опструираат преку Џафери, Референдум мора да има – Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со јасна порака до власта.  Тој ги повика Ковачевски и Пендаровски да ја поддржат  иницијативата за Референдумот за поништување на Договорот за Добрососедство со Бугарија.   

Мицкоски заедно со Референдумот бара и брзи предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори за што поскоро да се промени гарнитурата на Власт која ја довела Македонија во колапс.

Време е Владата која што се плаши, и претседателот кој што е многу исплашен е да го поддржат овој процес да не го опструираат сега преку Талат Џафери во Парламентот. Туку тие да дозволат најпрвин да се соберат тие 150.000 граѓански потписи, а потоа и да се оди на Референдум, каде што граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја. Мора да има референдум, предвремени парламентарни избори и претседателски избори, вели Мицкоски .

Добрососедските односи секогаш биле приоритет на ВМРО – ДПМНЕ ама токму од Договорот за добрососедство според Мицкоски  не се видело ништо пријателски од Бугарија од како е потпишан во 2017,а мешовитата комисија работела под силен политички притисок.

Одлуката за Референдум „паднала“ откако биле разгледани двете опции со кои може да се прекине важноста на Договорот – едната е Владата преку МНР да го укине, а другата е граѓаните да се изјаснат на Референдум. Мицкоски вели дека според нивните анкети, за поништување на Договорот би гласале над 60 проценти од населението.

„ Постојат две опции, една опција е Владата без Референдум да го напушти преку министерот за надворешни работи, а тоа нема да се случи. Знаеме дека оваа Влада тоа не може да го направи. И втората опција е со граѓаните на Референдум, и затоа одлучивме да влеземе во оваа постапка на Референдум. Претходно правевме многу анкети, многу мерења на јавното мислење и од тие анкети можеме да заклучиме дека огромен процент на граѓаните и тоа повеќе од 60% од Македонците и повеќе од 50% од граѓаните се изјаснија дека поддржуваат Референдум и дека би излегле на таков Референдум да гласаат“, посочи Мицкоски.

Следен чекор во Законодавниот дом е Талат Џафери да ги информира двете собраниски комисии – Комисијата за политички систем и Законодавно правната комисија. Мицкоски очекува во рок од два дена тие да се произнесат дека Иницијативата е уредна, и ВМРО – ДПМНЕ да  започне со собирање на потребните 150.000 граѓански потписи, а потоа во рок од 60 до 90 дена да се случи Референдумот кој е врв на демократското право.

Кристина Алексиеска