Мицкоски: притвор за Јанева, оставка од Заев – криминален октопод владее со државата и тргува со правдата

Притвор за Катица Јанева, проширување на истрагата за вмешаност на други функционери, оставка од Зоран Заев и од целата Влада и итни предвремени избори. Ова е единствената разврска што може да следува откако се откри октоподот чии пипци се проширени низ целиот систем, смета лидерот на опозицијата според кого компромитираното СЈО е последица на корумпираната власт. Христијан Мицкоски вели дека Специјалното јавно обвинителство за ВМРО-ДПМНЕ е минато свршено време.

„Катица Јанева која требаше да биде симбол на правдата стана симбол на нов октопод и криминалот во оваа држава поддржана од врхушката на власт… Нема граѓанин кој верува дека сето ова е возможно без институционална поддршка од самата врхушка на власта, вчерашната акција е само театар за да се заштитат вистинските нарачатели, да се спаси Катица Јанева и да не се дознае каква монструозна гарнитура владее со земјава… Одбројани се деновите на власта, да внимаваат што прават и да не влегуваат во непромислени чекори и постапки кои би можеле дополнително да ја отежнат состојбата. Овој криминален октопод може да се реши само со смена на оваа криминална власт Имаме криминален октопод кој владее со државата и тргува со правдата, тоа што за бизнисмените е рекет за политичарите е притисок Гледаме дека системот пропаѓа, дека ситемот е гнил и гледаме како пред очите ни изчезнува иднината“ изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски вели дека тој со месеци наназад предупредувал на криминалите и притисоците што ги прави СЈО, дека Катица Јанева лично од него побарала поддршка за законот за јавно обвинителство со цел да го одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ и дека е подготвен да сведочи за ова и тој и другите присутни на средбата. Власта мора итно да одговори на повеќе прашања, смета тој.

„Дали е точно дека силата на Катица Јанева доаѓа токму од премиерот кој во една прилика охрабрувајќи ја и вели ‘не се секирај, се ќе биде во ред’, дали е точно дека во домот на прво обвинетиот е чест гостин висок функционер од СДСМ во друштво со специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и дека во тој дом се договараат обвиненија и понатамошни постапувања по тие обвинувања. Дали е точно дека политичка заштита на пипците на овој октопод се високи функционери од втхушката на власт во јавноста познати под псевдонимите Кики и Фрики?“ вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозицијата вели дека работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе подолг период разговараат на трите теми што ги предложи премиерот – законот за обвинителство, изборниот законик и претстојниот попис но дека засега имаат дијаметрално спротивни ставови па оттука нема потреба од средба на четирите партии освен ако на неа единствена точка не е распуштање на парламентот и предвремени избори.

„Секој што си дробел тоа и ќе срка. Јас бев првиот кој го повика премиерот да соработуваме за датум за избори, на таа понуда одговори со прогон на сегашни и поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Како да имаме средба со така дијаметрално спротивни ставови“ вели Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори во име на демократијата, правдата и правдината, вели Мицкоски според кого мора конечно да се стави крај на корумпираните функционери за да може да понатаму Македонија да се гради како држава која ќе нуди иднина за сите граѓани.

Никола Крстиќ