Мицкоски: правдата е нападната од неправдата, вистината е заменета со лагата, сакаат да ни ја земат и иднината

Името е најсилниот знак. Со него се создадени мали и големи нации. Македонија, но и политиката се именки во женски род, па затоа е нормално и жените да бидат вклучени во политичките процеси.  Ова го истакна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова на конференцијата на Унијата на жени на партијата. Напомена дека во земјава за некои нешта за кои никој нема право сам да решава, решаваа само неколкумина од власта. Таа рече дека ќе најде многу правни причини за оспорување на тоа што се случуваше за промена на името на Македонија за внатрешна употреба.

„Македонија е во женски род не случајно, сите ние сме растеле, сме се радувале со песни со ора, со фолклор, во нив умирале, се мажеле и женеле за Македонија, мечтаеле за Македонија. И политиката е именка од женски род, понекогаш за да ги заведам студентите се обидувам драмски да настапувам велејќи им дека политиката некогаш била уметност на можното, а за бракот пак велам да бидам искрена бидејќи тоа е заедница за што вреди да се живее велам дека е уметност на неможното“ – рече Силјановска Давкова.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изборот на Силјановска Давкова на претседателските избори е само прв чекор кон промена на власта. Тој им порача на граѓаните да излезат на избори за да се слушне нивниот глас и да се борат за неправдата да не остане закон во државата. За него, овие избори се нов референдум за народот, од кој побара да не ги повторат грешките од минатото кога предупредувале како партија дека со СДСМ на власт, се губи државата. Рече дека во земјава немало владеење на правото, судството и обвинителството одамна не биле механизми за заштита на правдата, а економијата тонела во мизерија.

-Значи не до оние уценети слуги на Заев кои работат на дугме, тие знам дека имаат задача и таму бизнис и притисоци се во прашање, и такви има се помалку, туку на оние чесни родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието, а на кои Македонија им е важна. Имаме ист противник, Заевизмот е наш противник исто колку што е и ваш. Но Македонија ни е заедничка. А бојкотот е слепа еднонасочна улица после која нема втор чекор. Тоа е ѕидот на власта. Нема втора опција и решение. Затоа да си подадеме рака и да ја искористиме неповторливата шанса да го поразиме Заевизмот на избори и само така да ја издигнеме Македонија. Да застанеме заедно под бајракот на заедничката победа – рече Мицкоски.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја одржа 18-та годишна конференција. Побараа поголемо вклучување на жените во бизнисот и политиката, а кандидатот за претседател на државата Силјановска Давкова порача дека ако стапи на функција ќе ангажира повеќе жени во кабинетот.