Мицкоски по средбата со Меркел: Следната недела ќе го соопштиме ставот на партијата за референдумот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не ѝ го кажал ставот на партијата за референдумот ниту на германската канцеларка Ангела Меркел на полчасовната средба во Амбасадата на Германија во Скопје.

-Ова беше тет-а-тет средба со канцеларката Ангела Меркел. Беше пријателска средба, како лидери на две сестрински партии. Главен акцент на разговорите беше претстојниот референдум. Јас ги истакнав позициите на нашата партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој договор со Грција. Ја запознав со нашата акција ’Лето за Македонија‘, која е во тек, укажувајќи дека ние како партија ќе се ориентираме според волјата на граѓаните. Во текот на наредната недела ќе имаат состанок партиските тела и конечно ќе ја утврдиме нашата позиција за референдумот на 30 септември, рече Мицкоски.

Mеркел ја напушти амбасадата и замина кон аеродромот без да даде изјава.

Претходно, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, таа кажа дека на лидерот на опозицијата ќе му го каже истото што му го кажала на премиерот.

-За клучните прашања треба да има национална, заедничка одговорност и дека треба да се разговара заедно, изјави Меркел во Владата.