Мицкоски почнува широки консултации со правни и уставни експерти за одржување на Референдум

Народот веќе кажа „НЕ“ на улица, а сега веројатно ќе има шанса својата одлука да ја верифицира и на Референдум, со што власта нема да смее да ја игнорира нивната волја. Иницијативата за народно изјаснување потекнува од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која најави дека ќе собира 150.000 потписи за да се распише Референдум против бугаризацијата и асимилацијата, односно капитулацијата што ја потпиша Владата. Како точно ќе гласи прашањето, дали ќе се однесува на целиот француски предлог, со протоколот и промената на Уставот, или поединечно засега не се знае. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска најави дека започнува широки консултации со правни и уставни експерти за да се анализира како точно ќе гласи референдумското прашање.

Ова се сериозни работи сакаме кога ќе излеземе пред граѓаните, тоа да се темели на факти. Во периодот кој следи ќе консултираме експерти по уставно право, за јасно да дефинираме прашање со кое ќе излеземе – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Следниот чекор би бил собирањето на 150-те илјади потписи, што преставува голема акција со строго утврдена процедура. Според законските прописи, потписите не може туку така да се соберат, туку ќе мора секој граѓанин со лична карта да се јави во подрачна единица на Министерството за правда и таму да го депонира својот потпис. Откако ќе се соберат потписите, тие се доставуваат до Собранието. Според членот 21 од Законот за Референдум, Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување на Референдум. Референдумот се смета за успешен кога се излезени 50% плус еден од вкупниот број на гласачи, а одлуката „за“ или „против“ на прашањето ја носи мнозинството од тие што излегле. 

Граѓаните се согласни дека за ова прашање мора да има народно изјаснување.

Но останува стравот кај граѓаните дека може да се повтори истото сценарио од 2018 година, со неуспешниот Референдум за промена на името. Тогаш, иако не беше исполнет првиот услов, односно немаше цензус, надлежните го прифатија како успешен и следуваше промена на името. Ако се суди според претходните искуства на политичката сцена, можно е и сценариото од 2004 година кога беше распишан Референдум за територијални поделби, но и тој пропадна заради слаба излезеност, пред се поради кампањата за бојкот на тогашната владејачка коалиција СДСМ-ДУИ под паролата „Некои прашања не заслужуваат одговор“. За разлика од Референдумот кој во 2018 беше консултативен, доколку опозицијата успее да собере потписи, како што најави Мицкоски, и истиот се одржи, би бил обврзувачки за власта.  

Адријана Алексиеска