Мицкоски очекува сериозно поскапување на струјата – во ЕСМ се крадело, сметката на крај ќе ја плателе граѓаните

Струјата сериозно ќе поскапи – предупредува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Производството на  електрична енергија на државните електрани било драстично намалено, а кражбите биле огромни. Според Мицкоски, оваа состојба ќе резултира со поголем увоз на поскапа струја која чини околу 220 евра за мегават час. Зголемените трошоци за набавка на електрична енергија ќе паднеле врз грбот на граѓаните кои ќе треба да плаќаат повисоки сметки за струја.

„Државните резерви се намалени за отприлика 12-тина проценти во нето износ или некаде околу 400 милиони евра и тоа се пари потрошени токму поради тоа што биле увезени енергенси. Зошто? Затоа што овие не произвеле, а не произвеле затоа што некој крадел. Многу едноставно. Не едноставно туку болно, но многу е едноставно методолошки да се следи сето ова. И на крајот на денот народот повторно ќе ја плати сметката и тоа очекувам на крајот на овој регулиран период што истекува некаде крајот на јуни, веќе од први јули да имаме повисоки сметки за електрична енергија“ – рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

По многу најавување, Европската банка за обнова и развој и официјално потврди дека ќе ги помогне државните електрани со 100 милиони евра. Кредитот наменет за надминување на енергетската криза ќе биде одобрен на 20-ти јули. Од банката информираат дека парите ќе се искористат за да се надминат сегашните кризи на пазарот на електрична енергија и да се зголеми отпорноста на енергетскиот сектор од системски шокови. Парите треба да се потрошат исклучиво за ликвидност, а не за инвестиции поврзани со фосилни горива.

„Обезбедувањето на финансиските средства за ликвидност ќе се користат како обртен капитал за финансирање на плати, сервисирање на долгот и други административни трошоци на клиентот и не е поврзано со какви било нови еколошки или социјални ризици или влијанија. ЕСМ е постоечки клиент на Банката со добри резултати и ја докажа својата способност да се усогласи со барањата на Банката за време на тековните проекти“ – се вели во објавата на ЕБОР.

Инаку аналитичарите неколку пати напоменаа дека одлуката за тоа ко лку ќе поскапи струјата ќе биде типично политичка за да се задржат гласачите и ќе зависи од тоа колку пари ќе се потрошат за да се амортизира ценовниот шок. Вицепремиерот Битиќи вчера рече дека пред да се одлучи околу цената на струјата и буџетската помош за енергетските компании, треба да се знае колкави ќе бидат вкупните потреби за електрична енергија и колку од нив можат да се задоволат од домашно производство, а колку од увоз на струја.

Тања Попова

Поврзани вести