Мицкоски од Брисел: Политичкиот прогон за пресметка со опозицијата станува основен механизам на власта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со кандидатот за претседател на државата професорката Гордана Силјановска Давкова, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски во Брисел остварија средба со европратеникот и известувач во Европскиот парламент за Република Македонија Едвард Кукан и со европратеничката Маријана Петир.

На средбата делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ посочила дека во Република Македонија е загрозена правната држава и владеењето на правото и дека земјата се соочува со широко распространета појава на корупција што е и нотирано во релевантните извештаи на меѓународните организации.

Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата стануваат основа на политичкото делување на власта. Од друга страна имаме назадување во почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување на трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стадард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата што е последицата на штетните политики на Владата.“, пишува Мицкоски на својот фејсбук профил.

Тој вели дека на средбата беа посочени и примери кои покажуваат дека Власта го загрозува демократскиот предизборен амбиент, кој што е мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период.

„Суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните.“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.