Мицкоски: Ова што се случува во Македонија е трговија со правото и правната држава, заради лични политички амбиции

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на гласањето во собранието за уставните измени кое ќе се одржи на 9 јануари, е непроменлив, конзистентен и тој се темели на конгресна резолуција, на партиска програма, одлука на извршен и централен комитет и овде нема простор за било какво дивергирање од она што е континуитет и континуиран став на ВМРО-ДПМНЕ“ – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето во вестите на ТВ Сител.

Тој кажа дека не очекува да се случи ништо поинаку од она кое што е став на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, а е посветено на тоа прашање.

– Но, она што е многу поважно да се спомене е целокупната оваа трговија со правото и правдината која што нас денеска ни се случува во Република Македонија и вие практично имате премиер на држава кој што на тоа интервју каде што спомена дека јас сум некако поврзан со бегството на Никола Груевски, тој практично призна дека притворите на поранешните функционери во ВМРО-ДПМНЕ ќе влијаат во однесувањето на некои од пратениците кои дадоа поддршка во процесот на отпочнување на Уставните измени, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека на некој начин Заев имплицирал влијание врз оние судии коишто ќе одлучуваат понатаму во целокупниот овој процес.

-Оваа несеризоност, оваа неконзистентност, континуирано дава една изјава па потоа демантирање на истата стана некако препознатлива карактеристика на Зоран Заев како премиер на Република Македонија, но она што е за мене пострашно во овој момент е фактот дека ние немаме правна држава, ние немаме владеење на правото во Република Македонија со истото се тргува за да се реализираат нечии политички амбиции, истакна Мицкоски во интервјуто.

Додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се оние коишто ја следат конгресната резолуција, ја следат партиската програма, практично ги следат одлуките на централниот и извршниот комитет и дека тој верува во нивната чесност во целокупниот овој процес.