Мицкоски: Ова СЈО е симбол на Заевизмот и изневерените очекувања на граѓаните

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во интервју на ТВ Сител истакна дека Специјалното јавно обвинителство е симбол на заштита на Заевизмот и не е заштитник на правото.

Мицкоски потенцираше дека законското решение за СЈО е далеку полошо од ова што сега го има, додавајќи дека владата на СДСМ прави дополнителна алатка за пресметка со политичките неистомисленици, пренесува Курир.

„Врз основа на надлежностите кои што се пропишани според овој предлог закон, за кои што треба да разговараме и преговараме,  е и полош од тоа што беше сега. Односно тоа ќе биде практично дополнителна алатка за преиспитување на неистомислениците политички  кои што во овој момент владата  на СДСМ ги има и главен удар,се знае кој може да има -опозицијата, а тоа го гледате и на пракса и на дело што се случува во изминатите денови“, вели Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ  е против Катица Јанева бидејќи не ги оправдале очекувањата и довербата на граѓаните.

„Да, точно е, ние сме против Катица Јанева и овој состав на  јавни обвинители кои што се дел од нејзиниот тим, од една проста и едноставна причина што не само што го изгубија човечкиот туку го изгубија и професионалниот кредибилитет. Не ги оправда очекувањата на јавноста кои што безусловно им дадоа доверба пред речиси 4 години да ја водат оваа институција и навистина оваа институција да се претвори во еден орган кој што ќе биде заштитник на правото и правдината. Но, ние бевме сведоци на  речиси полумафијашки методи на сокривање докази, опожарување на простории, поплавување на простории, а се со цел да се сокрие трагата и за нас оваа институција и овие луѓе претставуваат симбол на изневерени очекувања на граѓаните во Република Македонија и дел од онаа ментална матрица која што ја нарекуваме Заевизам. Така што, не ги оправдаа и практично не се поставија онака како ние очекувавме, а тоа е да бидат заштитници на правото и правдината“, кажа Мицкоски.