НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мицкоски: Ние географски сме во Европа, но со власт како од Африка

Географски сме во Европа, ама со власт како во Африка, време е народот да му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и да дојдат големите позитивни промени, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од годишната конференција на Унијата на млади сили на опозициската партија.

-Да ние географски сме во Европа, но со власт како од Африка. Дојде време и пензионерите да протестираат зошто и тие се незадоволни и тоа го прават со право. Ги оставија на питачки стап и ниту еднаш не ги покачија пензиите додека инфлацијата ги изеде нивните примања. Владее беспарица за која власта нема слух, кажа Мицкоски.

Испрати и порака до оние кои се надеваат и сакаат да постои раздор во ВМРО-ДПМНЕ. Вели тоа сценарио нема да го видат. Според него партијата последниве пет години се кренала од пепелот. Потсети каква била состојбата во 2018-та година, а каква е сега.

-На почетокот од 2018-та година ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, беше предизвикот исправен пред нејзе да биде прогласена како терористичка организација и да биде избришана од регистарот во кој што функционираше како политичка партија, со замрзнат имот, со блокирана сметка, меѓународно изолирана. Бевме среќни ако по ходници некој и здраво ни направеше. Тоа беше реалноста таа зима 2018-тата година. Чекор по чекор благодарение на вас, благодарение на народот, дојдовме до онаа двојна победа, која што се случи на локалните избори, изјави Мицкоски.

Испрати и порака до политичките ривали, нека прифатат парламентарни избори што побрзо и да проверат дали ВМРО-ДПМНЕ е разединета.

-Ги слушам оние прозивки од СДСМ дека сме биле разединети и со конфликти, тие кои не смеат ниту името на нивниот поранешен претседател да го споменат. Епа еве една порака и до нив, до нивните лакеи и до сите оние подлизурковци кои мислат дека ВМРО-ДПМНЕ на овој начин ќе се раздели, ќе се подели, има еден начин да тестирате и да се соочите со вистината да се соочите со вистината, ајде на избори, кажа Мицкоски.

Мицкоски порача и дека уставните измени под овие околности и бугарски диктат нема да поминат, а гаранција за тоа биле пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста