Мицкоски не доволува отворање на Уставот – бара цврсти гаранции од Брисел дека ќе нема ново вето

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа условувања за отворање на македонскиот Устав на патот кон Европската унија. По Бугарија, сега и дел од албанските политички партии заговараат уставни промени во делот на албанскиот јазик. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски реагира дека е неприфатливо да се поставуваат услови, ако некој верува во европскиот напредок на државата.

  • „На сите крајна цел ни е влез на Македонија во Европската унија. Но ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи тоа да биде под ултиматум. Ако ги внесеме Бугарите во Уставот дали е тоа гаранција дека тоа ќе се случи со македонскиот народ во Бугарија? Мора да добиеме гаранции дека ова ќе биде последно барање затоа што нема да дозволиме да бидеме цел на уцени и хегемонистички политики”, рече Мицкоски.

Во однос на условувањата од Бугарија, Мицкоски очекува гаранции од Брисел дека отворањето на уставот би било послено барање од Софија. Што се однесува пак до барањата на албанските партии дома,Мицкоски вели дека е подготвен да разговара за тргање на условот 20 отсто за употребата на албанскиот јазик од Уставот но само доколку во истовреме се разговара за бришење на Бадентеровиот принцип и за балансерот. Албанските политичарите во Македонија според него треба да престанат да ги потценуваат и да ги третираат граѓаните Албанци како процент и да почнат да ги третираат како рамноправни граѓани.

  • „Aко мислите за таа норма од 20%, многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата „Бадентер“, за нормата „Балансер“ и да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни, имаат знаење итн“, потенцираше Мицкоски.

Условувањата од албанскиот блок стигнаа вчера од претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Пратениците ќе кренеле „ЗА“ уставните измени и продолжување на евроинтеграциите само ако во Уставот наместо 20 проценти Албанци да се вметне албанскиот јазик.   

Викторија Миткова

Advertisements

Поврзани вести