Мицкоски: Немаме датум за преговори со ЕУ затоа што Владата не ја бива, на Македонија и треба обнова

На Македонија и треба обнова, издигнување од пепелта во која ја втурна власта. Заев е на колена и во сопствената кал. По изборите, кога и да се случат, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата Влада. Македонија е жива покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на 29-годишнината од формирањето на партијата.

-И оние кои веруваа од почетокот, но и оние кои не веруваа, а поверуваа дека можеме, но оние се уште кои не веруваат а знам дека ќе поверуваат, ви велам СДСМ и Заев е тргната по удолницата од која нема враќање, а ВМРО-ДПМНЕ секој ден станува се посилна, се поорганизирана и свесна дека не чека многу работа за да Македонија успее. А победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на Македонија! И ова ви го ветувам на овој 29 роденден. Ова е битка во кој влегов свесно, во која влегов со целото мое срце, знаење и чест. И во која ја вложувам мојата душа и себеси. И нема да отстапам, нема да отстапам поради мојот карактер, поради иднината на нашите деца, поради секој солза која пушта обичниот човек поради неправдите и сиромаштијата, поради одземената иднина, поради мајките кои плачат за своите деца кои си одат од земјава, поради сите наши луѓе кои чесно и даваат на оваа земја без да побараат повеќе од тоа што вложуваат. Македонија ќе успее, затоа што нема простор повеќе за неуспеси, порача Мицкоски.

Лидерот на опозицијата го впери прстот во Владата за неуспехот во европската приказна. Вели никој не победил народ, затоа во овој момент е најважно да не се испушти шансата Македонија да добие датум за преговори за членство во ЕУ. Граѓаните не треба да бидат заложници на неспособната влада.

– Македонскиот народ низ историјата покажал дека е мудар и храбар. Заедно да го поразиме Заев и да направиме влада која ќе ја внесе Македонија во семејството на европските народи. Да победиме одвнатре за сопствената држава под името Македонија, порача Мицкоски.

За погубните економски политики според Мицковски одговорност треба да понесе економскиот тим на Влада. Дециден е дека ниту е едно ветување за подобар животен стандард не е исполнето.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред членовите на партијата порача дека нема да дозволи попис кој е веќе договорен помеѓу Заев и Ахмети, а кој треба да го промени карактерот на Македонија. Му порача на премиерот дека власта не зависи ниту од него, ниту од Ахмети, Османи, ниту од Мицкоски туку единствено од народот кој бара да се решат нивните проблеми.

Ивана Соколовиќ Најдова