Мицкоски на средба со Клајн: Македонија тоне во криминал и корупција со СДСМ и ДУИ, избори се решение

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот и пратеник Александар Николоски оствари средба со амбасадорот на Република Унгарија Андраш Клајн во Република Македонија.
Мицкоски му се заблагодари на унгарскиот амбасадор Клајн за несебичната поддршка и пријателски однос на Унгарија кон Македонија и го информираше за актуелната политичка состојба, како и евроинтегративниот процес на државата.
Од страна на Мицкоски беше нагласено дека Македонија се соочува со висок степен на криминал и корупција од страна на владата на СДСМ и ДУИ, укажувајќи дека тоа не само што го потврдуваат граѓаните на анкетите спроведени од домашни и меѓународни истражувачки агенции, туку го нотираат и стратешките партнери на државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека и поради економската состојба и животниот стандард на граѓаните кој е катастрофален се поголем број на граѓани се иселуваат, нагласувајќи дека излез се брзи предвремени парламентарни избори.
Мицкоски го афирмираше ставот на партијата дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не поддржува уставни измени под бугарски диктат со уцени и нови барања од соседна Бугарија, потенцирајќи дека преговорите треба да се темелат и водат врз вистински европски процедури и вредности.
Соговорниците се согласиле средбите да се интензивираат и во следниот период.