Мицкоски: На Македонија ѝ се заканува „грчко сценарио“ поради задолжувања

Празната државна каса ќе се полни од нови задолжувања, борч кој нема да можеме да го вратиме, предупредува опозицијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски тврди оти со лаги за реалната економска ситуација, за просечната плата и за странските инвестиции власта се обидува да ги прикрие скандалите. Тој потенцира ако владата продолжи со ова темпо во ист правец, не ни бега „грчкото сценарио“, односно опасност од банкрот поради голем број на задолжувања.

-Одиме кон такво сценарио и ако продолжиме неконтролирано да се задолжуваме имаме два избора, првиот избор е да ги сведеме на минимум капиталните инвестиции, впрочем тоа во некоја мерка и се случува, бидејќи капиталните инвестиции се на едно многу ниско ниво, рекордно најниско ниво од тоа што досега било пракса во минатото. И второто е да продолжиме да се задолжуваме до момент кога што нема да можеме да го сервисираме долгот. Ситуацијата во буџетот е катастрофална, вели Мицкоски.

Тој тврди оти Заев, како неформален министер за финансии намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа со оние кои ќе останат директно да ги префрлува како трансфери до граѓаните, односно гласачите.

-Доколку до крајот на годината дефицитот се реализирал онака како што бил планиран тогаш капиталните инвестиции нема да надминат стапка на реализација поголема од 50-тина проценти, т.е. да сумирам, ќе недостасуваат некаде околу 200 милиони евра коишто биле потребни и коишто биле планирани за капитални инвестиции во Република Македонија. Вистинското прашање е каде ќе отидат тие пари? Тие пари ќе отидат преку трансфери во обидот на Зоран Заев да ги затскрие ненародните криминални политики кои ги води неговата Влада и месеци пред избори се обиде да игра на картата на кратко помнење кај граѓаните и истите тие да ги корумпира преку таков тип на трансфери, вели Мицкоски.

Во послените извештаи во однос на економските состојби на земјава, Европската Комисија и Светска банка критикуваа дека на Владата и треба поамбициозна фискална консолидација, државата да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции.

Сања Трајковска Ставров